Причините и очекуваните ефекти и последици од денешниот бојкот на маркетите од страна на потрошувачите, за венсикот ВЕЧЕР ги анализира универзитетскиот професор Борче Тренофски. Тој смета дека оваа иницијатива јасно покажува дека потрошувачите веќе не се пасивни набљудувачи, туку активни учесници во обидот да се направи промена на пазарот. Но, со цел бојкотот да има определени ефекти, посочува професорот Треновски, тој мора да биде иницијатор на дополнителни подолгорочни промени, дополнителни мерки и транспарентни решенија: подобра регулација, засилена контрола на цените, зајакната пазарна конкуренцијата, казни за злоупотреби итн…
Неговиот став ви го пренесуваме во целост:
Самата ваква најава за бојкот на потрошувачите предизвикува значаен интерес од причина што таа има генеза во изминатиот период кога стандардот на граѓаните беше сериозно намален, а цените значајно беа зголемени. Особено е важно да разбереме една економска (кензијанска) потврдена логика – „Цените се „лепливи”, лесно се зголемуваат нагоре, а многу тешко се намалуваат надолу”. Ваквата состојба има своја основа и во минатите случувања поврзани со прекините на синџирите на набавка, енергетските шокови, инфлациските притисоци и високата увозна зависност. Меѓутоа од друга страна, се резултат и на внатрешните случувања поврзани со структурата на економијата и понудата на пазарот (во определени сегменти речиси монополска и олигополска структура), ефикасноста во функционирање на домашните бизниси/трговци, како и различните мерки/”замрзнување на цени” и најави за истите преземени во изминатите години, кои ги поттикнаа трговците однапред да ги вградуваат очекувањата за во повисоките цени. Оттука резултатот се огледа во значајно зголемените цени за определени производи и разлика во маржите од 5% до 40%, висок степен на раст на профитите на големите трговски ланци од 20-40%, значајни разлики во цените во големите градови и помалите населени места, ниска конкуренција и ограничено учество на малите трговци во целата економска структура итн.
Меѓутоа, како дојдовме до „бојкотот”, која е неговата намена, кои би биле очекуваните ефекти, дали нешто може да се промени?
Од она што го гледаме во барањата и изјавите од другите соседни земји, почнувајќи од Хрватска, Црна Гора, Србија, како и во Македонија, оваа иницијатива јасно покажува дека потрошувачите веќе не се пасивни набљудувачи, туку активни учесници во обидот да се направи промена на пазарот. Потрошувачите бараат еден вид на внимание и инволвирање од сите страни: трговците, производителите, регулаторните тела и владата. Ова е клучно бидејќи покажува дека проблемот е мултидимензионален и преставува еден вид повик до институциите за преземање активна улога и враќање на довербата на пазарот. Претставува еден вид на повик за зголемување на конкуренција, подобрување на транспарентноста во формирањето на цените, како и зголемување на ефикасност на институциите за контрола на пазарот и заштита на потрошувачите.
Иако бојкотот како акција од страна на потрошувачите преставува јасен сигнал до учесниците на пазарот, неговата ефикасност и одржливост зависат од повеќе фактори. Ако бојкотот е масовен и трае доволно долго, трговците може да почувствуваат определен ефект на приходите, што може да ги натера во еден дела да ја преиспитаат својата ценовна политика. Ова, исто така, е начин да се привлече внимание на институциите за контрола на цените и конкуренцијата. Меѓутоа, обично се случува бојкотите да траат само неколку денови и оттука нивните потенцијални ефекти може да се ограничени и краткорочни. Трговците можат да ја апсорбираат краткорочната загуба и потоа да продолжат со истиот ценовен модел. Потрошувачите, од друга страна, често не можат да се воздржат од купување пред се на основни производи подолг временски период, што го прави бојкотот одржлив само за кратко. Дополнително во контекст на ефикасноста на бојкотот треба да имаме предвид и дека трговците кои зависат од дневен или неделен промет ќе бидат најчувствителни на вакви акции. Големите синџири можеби ќе имаат поголема способност да издржат краткотрајни удари. Од друга страна, во пазари со силна конкуренција, трговците побрзо реагираат на вакви притисоци за да задржат клиенти. Во монополски или олигополски структури, ефектот на бојкотите е ограничен. Оттука бојкотот може да доведе до привремено намалување на цените на некои производи или јавни ветувања за подобрување.. Меѓутоа без институционална поддршка или трајна промена на конкуренцијата, бојкотот сам по себе веројатно нема доволен потенцијал да направи долгорочни промени на пазарната структура и цените.
Со цел бојкотот да има определени ефекти, тој мора да биде иницијатор на дополнителни подолгорочни промени, дополнителни мерки и транспарентни решенија: подобра регулација, засилена контрола на цените, зајакната пазарна конкуренцијата, казни за злоупотреби итн… Оттука со цел со цел нашите граѓани и да почувствуваат определен ефект потребни ќе бидат системски промени во повеќе сегменти: Ефикасни институционални мерки за зголемена контрола на цените и за спречување на монополски практики; Зајакнување на конкуренцијата и поттикнување на нови компании да влезат на пазарот, што би го намалило просторот за манипулација со цените (поддршка на локални производители): Потрошувачите треба да бидат подобро информирани за своите права и за алтернативите кои им се на располагање; Владата и институциите мора да создадат механизми за транспарентно формирање на цените, особено за основните производи; Посилна примена на регулативите за спречување злоупотреби на доминантна пазарна позиција – ефикасен систем на контрола и санкционирање на манипулациите со цените. Транспарентно објавување на јасни анализи за тоа како се формираат определни клучни цени на производите – обврска трговците да ги објавуваат маржите на основните производи. Зајакнување на капацитетите на агенциите/организациите за заштита на конкуренцијата и потрошувачите (формирање организации кои постојано ќе го следат пазарот и ќе ги информираат граѓаните). Поттикнување на јавни дебати за механизмите на ценовна регулација, што ќе овозможи поголема свесност кај потрошувачите за пазарниот систем и регулацијата и многу други.
Во контекст на претходно кажаното, заклучокот е јасен – бојкотот може да биде првичен аларм, но вистинската промена зависи од системски реформи и активна институционална поддршка. Ако пазарот остане без доволна конкуренција, без транспарентност во формирањето на цените и без строга контрола на злоупотребите, цените ќе продолжат да бидат „лепливи“ – лесно ќе растат, но многу тешко ќе се намалуваат. Затоа, овој сигнал од граѓаните треба да се претвори во поттик за долгорочни мерки кои ќе осигурат фер и одржлив пазар. Без реална акција, бојкотот ќе остане само привремена реакција, а ценовниот притисок – постојана реалност.