Проектот „Итно копче“ на Црвениот крст на Град Скопје се проширува и на територијата на Општина Центар. Со овој проект, локалната самоуправа воведува нова услуга за повозрасните жители над 65 години, со која им се обезбедува помош во итни ситуации, во домашни услови, достапна 24/7 во текот на целата година. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, и претставниците на Црвениот крст на Град Скопје потпишаа договор за негова реализација.
Имено, корисниците на услугата добиваат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, кој се носи како приврзок во форма на нараквица или на ланче. По активирањето, сигналот се пренесува до Контакт-центарот на Црвениот крст, каде што одговорното лице веднаш стапува во контакт со корисникот за да процени каква помош му е потребна. Во зависност од состојбата, се испраќа тим на терен или се повикува итна медицинска помош.
– „Итно копче“ е уште еден проект што го наменивме за повозрасните граѓани во нашата општина. Подолго време успешно ја реализираме услугата „Нега на стари лица во домашни услови“, преку која обезбедуваме поддршка за највозрасните жители со редовни посети од негуватели и од физиотерапевти. Наша цел е да им помогнеме во нивните секојдневните активности и да обезбедиме нега и рехабилитација, особено за оние што не може да си го дозволат тоа со лични средства. Со „Итно копче“, ја прошируваме оваа грижа и создаваме дополнителен механизам за брза реакција во итни ситуации – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски .
Приоритет за користење на оваа услуга имаат повозрасните лица кои живеат сами, а кои претходно имаат изразено интерес за нејзино користење, кои се избрани по принципот „прв дојден, прв услужен“ и имаат потпишано договор за користење на услугата.
Проектот е дел од заложбите на Општина Центар да обезбеди грижа за пензионерите и за возрасните жители.