Продолжува изградбата на булевар „Хрватска“

451

Град Скопје продолжува со проектот булевар „Хрватска“, еден од најголемите инфраструктурни проекти по чија реализација Скопје ќе има сообраќајно решение со карактер на внатрешна обиколница околу централното јадро, со која се обезбедува побрзо и посигурно поврзување на општината Гази Баба со Чаир и Бутел.

-Со реализацијата на овој долго очекуван проект во првата фаза се изведува подземната инфраструктура, по што следи фаза на изведба од подвозникот кај Бутел до кружниот тек кај Автокоманда. Со ова сообраќајно решение се затвора вториот кружен прстен во Скопје кој ќе ги намали значително гужвите во сообраќајот – информираат градските власти.

Тие додаваат дека изградбата на булеварот, подземната инфраструктура и водоводот по неговата траса се капитални проекти чија реализација е неопходна за развој на Скопје, со што воедно се создаваат предуслови за надминување на предизвиците и се обезбедува нормално водоснабдување за населбите Ченто, Стајковци, Инџиково и Хиподром.

Веќе се реализирани градежните активности за вградувањето на игличестиот вентил на цевководот со профил Ф1.600, со што ќе се постигне регулација на проток на вода кон населбата Железара, но истиот ќе овозможи и поврзување на двата магистрални водоводни цевководи, едниот со профил Ф700 на булеварот „Александар Македонски“ и другиот со профил Ф1.600 по новопроектираниот булевар „Хрватска“. Изградбата на овој дел од водоводната мрежа е предуслов за подобрување на водоснабдувањето на целата територија на општина Гази Баба.