Законот за бранители останува врел костен за владеачката коалиција и монета за поткусурување на власта и опозицијата. По изјавата на заменик претседателот на „Вреди“ Халил Снопче дека ќе излезат од владината коалиција доколку Законот за бранители се изгласа, премиерот Христијан Мицкоски денеска кусо одговори „Нека му е со среќа“. Премиерот со идентична порака и до лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој ден претходно најави протести и реагираше за укинување на балансерот.
– Исто така и на него имам да му порачам добро здравје и нека му е со среќа, изјави Мицкоски.
Пратеничката и екс-министерка за одбрана која е подносител на Законот за одбрана Славјанка Петровска по повикот од ВМРО-ДПМНЕ пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, да се потпишат на барањето до претседателката на Комисијата, Илире Даути од Европскиот фронт, да го стави Законот за бранителите на дневен ред вчера одговори: наместо писма ВМРО-ДПМНЕ да го задолжи Гаши да закаже Комисија за Законот за бранители.
,,Изјавите и коментарите на партиите од власта кои ги слушнавме и прочитавме изминативе десетина дена поврзани со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства, по скратена постапка се пораз за демократијата, демант на сите изјави на истите тие политичари кои велеа дека сме свесни за значењето на соживотот, меѓуетничките односни, но и најголем доказ дека некои политичари не ја сфатиле суштината на интеграцијата во Европската унија и не ја сфатиле својата улога во нашето општество. Предлог законот има една единствена цел, а тоа е да се допрецизира право кое е веќе утврдено во законите и да се предвидат одредби кои ќе значат правилен и правичен надоместок за жртвите и настанатите последици. Овој предлог закон не е шаховска игра, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација. Овој предлог закон е одговор на барањето за правда и правичност и тоа се мотивите заради кој овој закон е поднесен. И овој закон не се однесува само на припадиниците на безбедносните сили кои учествувале во воениот конфликт во 2001, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес и заштита на Република Северна Македонија. Ако денес мене како предлагач ме обвинувате за дестабилизација и скриени намери, тогаш значи ли тоа дека и во ноември 2023 година кога ДПМНЕ го поднесе предлог законот правеше провокација? Дали тогаш нивниот предлог беше предизборен маркетинг и злоупотреба на ова прашање за изборни цели? Не сакам да помислам дека ова е така, истакна Петровска.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, пак во изјава за медиумите, од Њујорк порача дека предлогот е „провокација“ и истакна дека нема шанси да се донесе ваков закон. Според него, законот служи како политички маневар за одвлекување внимание од други проблеми, наместо вистинска грижа за бранителите или припадниците на УЧК.
„Имале осум години за решавање на ова прашање,“ рече Меџити, алудирајќи на времето кое коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ го имала на располагање за да го реши прашањето на бранителите.
„Тие не мислат ниту на бранителите, ниту на УЧК, туку се обидуваат да си обезбедат политички поени и да се спасат, а за тоа им е потребна магла“ изјави Меџити, нагласувајќи дека иницијативата на Петровска е начин да се одвлече вниманието од други, поважни прашања, рече Меџити.
Од владиниот коалиционен партнер Движење ЗНАМ- За наша Македонија го повторија ставот што и претходно го даваа дека ќе го поддржат Законот.
-Сакаме да потенцираме дека СДСМ ја испушти можноста, додека беше на власт, да го понуди овој Закон за бранителите и додека беа на власт можеше да се донесат сите тие решенија, меѓутоа од февруари го стопираа во собраниска процедура и сега СДСМ подметнуваат кукавички јајца во Собранието, изјави партискиот портпарол Никола Мемов.
На прашањето дали носењето на Законот за бранителите може да влијае врз владината коалиција, тој рече дека е гарант за стабилноста на владата и така ќе остане во текот на целиот мандат, додека се учесници во владата и додаде:
-Тоа значи дека ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан, рече портпаролот Мемов.
Предлог законот предизвика бројни реакции, како во македонскиот, така и во албанскиот политички блок. Доби поддршка од 65 пратеници за разгледување по скратена постапка, е заглавен во собраниската процедура. Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути не закажува седница бидејќи од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ.