Продолжува реализацијата на проектот „Зелена општина Илинден“

26

Општина Илинден продолжува да ја спроведува акцијата за пошумување во рамки на проектот „Зелена општина Илинден“. Оваа иницијатива подразбира засадување на што е можно повеќе дрвја во урбаните делови на oпштината.

Во изминатиов период се засадени околу 120 садници на различни локации низ општината. Од нив, 40 се овошни садници (јаболки, цреши и праски), донација од компанијата „Мен енд Маунтен“, кои се засадени во дворовите на училиштата и на градинката во општина Илинден.

Со оваа еколошка иницијатива Општина Илинден го продолжува своето активно учество во реализација на наративот Генералка викенд кој гласи: „Да се собере отпадот од минатото и да се рециклира со зелена перспектива, за нас и за идните генерации во нашата земја!“

Останатите 80 садници се декоративни (црвен јавор, каталпа, јапоснска цреша и зимзелени туји), и беа засадени низ парковите и како дрвореди во општината. Овие дрвја, освен што ќе придонесат за уредување на јавните површини, ќе создадат пријатна и здрава средина за одмор и за рекреација на граѓаните, исто така ќе помогнат и во прочистување и подобрување на квалитетот на воздухот.

Во садење на дрвцата заедно со учениците, учествуваше и  градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој вели дека целта на проектот „Зелена Општина Илинден“ е да се подобри визуелниот изглед на општината, но уште поважно, да се подобри животната средина, да се намали загадувањето на воздухот и да се зајакне еколошката свест меѓу граѓаните.

-Со тоа што голем дел од овие садници се засадени токму во училиштата, ги учиме младите за важноста на природата и неопходноста да ја чуваме – истакна Георгиевски.

Проектот продолжува да се реализира. А како следни активности, освен засадување нови и грижа за веќе засадените растенија, ќе се воведат и нови едукативни иницијативи за локалното население на општина Илинден.

ИЗДВОЕНИ