Градење системско решение и обезбедување континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението и спречување на одливот на работна сила во државите од регионот се едни од главните барања на Сојузот на синдикати за наредната година. Тие велат за весникот ВЕЧЕР дека се задоволни од постигнатото во годината што измина и оти ќе продолжат да ги водат започнатите битки за зголемување на платите и за заштита и унапредување на работничките права.
Со својот ангажман во текот на 2024 година, ССМ и синдикатите во неговиот состав обезбедија укинување на пресудата на Врховниот суд со која на незаконит начин беше направен обид за конфискација, односно одземање на имотот сопственост на ССМ. Исто така, минималната синдикална кошничка, која беше креирана, стана репер за економските текови во државата и за егзистенцијалната положба на работниците и на граѓаните, како и појдовна основа за креирањето мерки на Владата за надминување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард на работниците и на граѓаните во државата.
– Се покачија платите на 90 отсто од вработените во јавниот сектор, како и на платите во приватниот сектор, пред сè со зголемувањето на минималната плата. Се зголемија платите на работниците во компаниите каде што имаме членови на синдикатите во приватниот сектор, со што за 80 отсто од членовите на синдикатите здружени во ССМ, во приватниот сектор обезбедивме повисоки плати од просечната плата. Исплата на регресот за годишен одмор во јавниот и во приватниот сектор, согласно со Општиот колективен договор, чиј потписник е ССМ. Исплата на јубилејните награди за сите работници. Заштита на правата на работниците преку организирани протести и штрајкови, онаму каде што, без оправдани причини, не се почитуваа законот и правото на социјален дијалог и преговарање – изјавија за весникот ВЕЧЕР од ССМ.
Исто така, се обезбеди бесплатна правна заштита на работничките права, како и обуки, советувања и едукација на синдикалното членство за остварување, заштита и за унапредување на работничките права.
– Со изборот на новата Влада, ССМ ги испорача своите барања во насока на унапредување на работничките права, а дел од нив веќе заеднички ги обезбедивме за работниците, како зголемување на платите во здравството и во образованието, потпишаните колективни договори на ниво на работодавец, исплата на јубилејнинагради, исплата на регрес за годишен одмор… – велат од ССМ.
Барањата што ќе бидат приоритет во ангажманот на ССМ во наредната 2025 година се градење системско решение и обезбедување континуиран пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра, како гаранција за заштита на најранливата категорија на населението и спречување на одливот на работната сила во државите од регионот.
– Остануваат и барањата за исплата на трошоците за храна на сите вработени, во висина од 20 отсто од просечната плата, исплата на трошоците за превоз на сите вработени, потпишување на Општиот колективен договор за приватниот сектор. Исто така, и барањата за ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела, укинување на 72-часовната работна недела за работа на стратешките проекти изградба на коридорите 8 и 10-д, воведени без социјален дијалог, како и зголемено породилно отсуство – информираат од Синдикатот.
Меѓу барањата за оваа година се и целосно почитување на правата од работниот однос, со посебен акцент на лицата што работат на онлајн платформи, кои ги има сè повеќе, а се надвор од системот на грижа и социјална сигурност, како и целосно информирање и консултирање на работниците и на синдикатите во компаниите за сите прашања поврзани со економско- социјалната положба на работниците.
(А.С.)