По барање на Народната банка, Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука со која ја продолжи можноста за пристап до реполинијата во непроменет максимален износ од 400 милиони евра, до 31 јануари 2027 година. Покрај нејзините девизни резерви, кои се на историски највисоко ниво од 5 милијарди евра, реполинијата обезбедува брза достапност до девизна ликвидност, што ѝ овозможува на Народната банка флексибилно да се справи со потенцијалните регионални шокови за финансирање и со зголемената побарувачка на ликвидност во евра, информираат од Народната банка.
Оттаму ѝ изразуваат благодарност на ЕЦБ за продолжувањето на можноста за пристап до реполинијата, што, според Народната банка, обезбедува значителна поддршка за политиките на стабилност што ги спроведува таа.
– Народната банка доби можност за пристап до реполинијата на почетокот од кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, во 2020 година, кога ЕЦБ им дозволи пристап до овој инструмент на централните банки надвор од еврозоната, со цел да се спречат преносните ефекти врз финансиските пазари и економиите во еврозоната и да се ублажат негативните ефекти од пандемијата – се вели во денешното соопштение.
Народната банка, додаваат оттаму, била предводник и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до дополнителни средства, за зајакнување на заштитните механизми и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките. Во изминатиот период, посочуваат од Банката, и покрај повеќе последователни кризи, не биле користени средства од реполинијата.