Денеска во Хрватска голем број граѓани го бојкотираат купувањето во продавниците, трговските синџири и бензинските пумпи поради постојаниот раст на цените.
Празни продавници, паркинзи пред трговските синџири и трговски центри – ова е сликата од бојкотот кој почна во Хрватска овој петок поради високите цени. Во утринските часови можеше да се забележат само неколку купувачи како ги разгледуваат полиците на продавниците, додека повеќето беа упорни и рекоа дека нема да има пазарење овој петок, пренесуваат хрватските медиуми.
Иницијативата, која потекнува од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија.
Повикот за бојкот се споделуваше на социјалните мрежи изминатите денови: „На 24 јануари во Хрватска се организира бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат граѓаните на тој ден да не купуваат ништо, апсолутно ништо. Подгответе се за тој ден како да е недела“, стои во пораките.
Податоците покажуваат дека потрошувачките цени во Хрватска, мерени според HICP, во декември 2024 година пораснале за 4,5 проценти во споредба со истиот месец од претходната година, што е највисок раст од мај. Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, по Романија (5,5 проценти) и Унгарија (4,8 проценти).
Министерот за економија, Анте Шушњар, ја поддржа иницијативата и истакна дека Владата работи на проширување на списокот на производи со ограничени цени. Во меѓувреме, и опозициските партии го поддржаа бојкотот, критикувајќи ја Владата дека не презела ништо за да ја контролира инфлацијата.
„Граѓаните мораа да ги земат работите во свои раце затоа што Владата не направи ништо за да го ограничи растот на цените“, изјави Сабина Гласовац од СДП.
Сандра Бенчиќ од „Можеме!“ додаде дека опозициските предлози за намалување на инфлацијата биле игнорирани од премиерот Андреј Пленковиќ, додавајќи дека „оваа инфлација може да се нарече Пленковиќева инфлација“.
Од друга страна, пратеникот на ХДЗ, Никола Мажар, изјави дека Владата ќе продолжи да работи на одговорни економски политики и ја поддржа одлуката на граѓаните за бојкот.
Што се однесува до структата, економистите се главно скептични за оваа иницијатива. Економскиот аналитичар Дамир Новотни изјави за Хина на почетокот на неделата дека ниту организираните потрошувачи ниту владата не можат да влијаат на трендовите на инфлација.
Потрошувачите може еден ден да се организираат и да ги бојкотираат трговците на мало. Меѓутоа, во пазарно ориентирани економии, колективните потрошувачки акции немаа никакво влијание врз инфлацијата, така што нема да има ниту најавениот бојкот на хрватските потрошувачи, па дури и ако е масовен, смета Новотни.