Продавниците низ Хрватска останаа празни, граѓаните масовно ги бојкотираа трговците!

1001
П. Стојановски
Фото: П. Стојановски

Слики од продавници без купувачи и празни паркинзи пред маркетите, што ги објавија медиумите од регионот, ја покажаа волјата на хрватските граѓани да им се спротивстават на трговците кои им го одземаат правото на достоинствен живот.

Денеска низ Хрватска, огромен број граѓани се воздржаа од пазарење и со тоа ги бојкотираа продавниците, малопродажните синџири и бензинските пумпи поради постојаното поскапување. Колку е масовен бојкотот се гледа и на ексклузивните фотографии на празни продавници што ги направи фоторепортерот на весникот ВЕЧЕР, кој го следи Светското првенство во ракомет во Вараждин. Слики од продавници без купувачи некои хрватски медиуми објавуваа уште вчера.

-Почна бојкотот на трговијата поради превисоките цени. Ги обиколуваме продавниците, главно се празни, објави еден од најчитаните хрватски портали, Индекс.хр.

Иницијативата ја почна фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, која е поддржана од Европскиот центар за потрошувачи, а поддршка дадоа и организации за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и самиот министер за економија.

Сè почна со пораки споделувани на социјалните мрежи во текот на изминатите денови, при што се разви идејата за бојкот. Во пораките се повикуваат луѓето да не купуваат ништо, ама баш ништо на денот на бојкотот, во петок, со препорака да се обезбедат со продукти за тој ден како да е недела, која е неработен ден за трговијата во Хрватска.

Јавниот сервис ХРТ пренесе изјави на граѓани од разни градови во Хрватска. Дел од жителите на Сплит велат дека го поддржуваат бојкотот, но сметаат дека вистинските проблеми се во системот, како високиот ДДВ и деловните трошоци.

-Можеби ова требаше да се направи порано, сега не верувам дека ќе успее, вели еден граѓанин.

Во еден од најпрометните големи маркети во Сплит, „Лидл“, денеска влегле само неколку луѓе.

Дражен Орешчанин од „Глас на претприемачите“ бојкотот го нарече лудост.

– Бојкотирајте ја алчната и корумпирана држава, бојкотирајте го ДДВ од 25 отсто за храната, бојкотирајте го увозното лоби и бојкотирајте го уништувањето на хрватското земјоделство и прехранбената индустрија! Утрово купив исклучиво хрватски производи во продавниците на малите хрватски претприемачи, рече тој, објавувајќи своја фотографија со купен леб.

Медиумите нотираат и дека граѓаните од пограничните места веќе одамна ги бојкотираат хрватските трговци. Жителите на Истра, на пример, пазарат во Италија, каде што им е поевтино.

Бојкотот организиран од граѓаните стана и поле за препукување на политичарите. Поддршката што бојкотот ја доби од членови на владејачката ХДЗ, опозицијата ја нарече евтин популизам. Ивица Бакса од Независната платформа Север, оцени дека бојкотот нема да ги реши корените на проблемот, но е силен знак за граѓанско будење и организирање и покажува дека луѓето се подготвени да застанат во одбрана на сопствените права.

Откако бојкотот беше оценет како успешен, на социјалните мрежи почна да се шири иницијатива за негово продолжување и во наредните денови. Овој пат се предлага насочен бојкот кон одредени трговски ланци во одредени периоди.

Според последните податоци, две третини од вработените граѓани во Хрватска имаат плати под државниот просек, а 600.000 пензионери живеат со помалку од 500 евра месечно.

ИЗДВОЕНИ