Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост.
Прочка е подвижен празник, датата му се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење. Проштевањето е резулататот на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“ (1. Кор. 13,7). Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4,8).
Ако, таква проштална љубов покажуваат христијаните на Прочка, тогаш се добри како светиите и праведниците, како Христос и Богородица. Проштевањето е безгранично и безусловно. Прочка е празник колку на проштевањето, толку и на покајанието. А покајанието и проштевањето се почеток на Евангелието. Таков е почеток на христијанското живеење. Првите зборови на Господ Исус Христос биле повик на покајание, проштевање и љубов.
Проштевањето е духовен пост, кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото. „Затоа, прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји“, вели свети апостол Павле (1. Кор. 6,20)
Целта на празникот е со чиста душа да се започне велигденскиот пост. Уште денеска треба да започне чистењето на душата што ќе биде главна задача во постот. Утре нека почне и телесниот пост, за скротување на телото и воздржување од сластите и страстите.
Чистењето и подготовката е како што чистиме и подготвуваме за доаѓањето на важен гостин кај нас, а тоа е приемот на Господа Исуса Христа преку светата Причест.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.
Најпознатиот настан за Велики поклади во Македонија е Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.