Домашната компанија „Екотип“ ќе донира 255 системи за филтрација на воздухот, кои ќе бидат распределени во градинки, училишта, болници и во други критични јавни установи, каде што квалитетот на воздухот е од клучно значење. За таа цел, во Владата беше потпишан договор за донацијата, вредна 1 милион евра.

Владиниот портпарол, Марија Митева, истакна дека загадувањето на воздухот останува еден од најсериозните еколошки и здравствени предизвици во Македонија и во тој контекст се и напорите на Владата со преземањето значајни мерки за намалување на загадувањето на воздухот преку капитални проекти.

– Како Влада, активно работиме на долгорочни стратегии и решенија за намалување на загадувањето, преку инвестиции во одржливи енергетски решенија, зголемена контрола на емисиите и поддршка на зелените технологии. Сепак, додека спроведувањето на овие мерки бара време, ваквите брзи и ефикасни донации од приватниот сектор се од суштинско значење за заштита, пред сè, на здравјето на граѓаните – истакна таа.

Митева подвлече дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат и да придонесат во заедничката борба за почист воздух и, се разбира, за поздраво општество.

Премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави донацијата, особено што станува збор за напредни прочистувачи од реномираниот германски производител „Mann+Hummel“ и на тој начин ќе обезбеди воздух по највисоките медицински стандарди, за најранливите категории.

– Чистиот воздух е наше заедничко право, а загадувањето предизвик што бара обединет одговор од сите нас. Ова е проблем што бара заеднички напори од целата заедница. Оваа иницијатива не само што ќе го подобри квалитетот на воздухот во јавните установи туку и ќе помогне во креирањето поздраво општество. Ваквите примери нека бидат повик за акција, секој придонес, мал или голем, е чекор кон поздраво општество – нагласи премиерот Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ