По 30 години од изградбата привршува реконструкцијата на Градската капела во Струмица.
Општината и ЈПКД „Комуналец“ реконструкцијата ја почнаа во ноември лани и според информацијата од градоначалникот Костадин Костадинов, досега се завршени 85 отсто од планираните работи.
Со реконструкцијата се врши комплетна замена на старите салонитни плочи со нови термо панели, замена на дрвената конструкција, како и поставување нови олуци, термо и хидроизолација.
-Со цел да се подобри заштитата се врши и санација на калканските ѕидови, се инсталира и нова громобранска заштита, а се санираат сите внатрешни површини од претходните протекувања. Реконструкцијата започна во ноември минатата година и целосно треба да заврши во мај – напиша Костадинов на Фејсбук.
Реконструкцијата на Градската капела чини 6 милиони денари, средства обезбедени од општинската каса и комуналното претпријатие.