Поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје Ф.А. и затворскиот полицаец С.К. денеска се приведени поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овозможување бегство на лице лишено од слобода. Тие ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, а во текот на денов полицијата извршила претреси во нивните домови. Против нив, и уште осум лица се поднесени кривични пријави.
МВР вечерва соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против десет лица и тоа: Ф.А. (42) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ, „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ и „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 од КЗ, С.К. (53), П.А. (40), Ѓ.Р. (34), С.П. (48), Т.Н. (37), Е.О. (46), З.М. (35), К.В. (34) за сторени кривични дела „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ по член 373 од КЗ и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ, како и против С.К. (33) за сторено кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 став 1 од КЗ, соопшти МВР.
Пријавениот Ф.А., во својство на директор на КПУ Затвор Скопје, во период од март 2024 до 24.07.2024 со намера на противзаконит начин, привремено да ослободи осудени лица кои издржувале затворски казни во КПУ Затвор Скопје, злоупотребувајќи ја својата службена положба дозволил и наредил повеќе осудени лица од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности кои не им следувале согласно судските одлуки, односно истиот одобрил молби поднесени од осудените лица повремено да го напуштат затворот, по што пријавениот П.А. од позиција на командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, по добиената наредба од директорот Ф.А., изготвил наредба за спровод на осудените лица до нивните домови и други локации за приватни потреби, по што така изготвени биле одобрени од страна на директорот Ф.А., а во неколку наврати биле одобрувани од страна на С.К., вработен како затворски полицаец во КПУ Затвор Скопје, личен возач на Ф.А.. Потоа пријавениот П.А. одобрените наредби ги предавал на пријавените затворски полицајци Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О., З.М. и К.В. со цел извршување на незаконскиот спровод на осудените лица, иако истите знаеле дека таков спровод на осудено лице до домашна адреса врз основа на молба е спротивно на закон и процедурите и подзаконските акти на законот, сепак го извршиле спроводот, каде што ги ослободувале осудените лица да извршуваат приватни работи, а потоа откако ќе поминел одреден временски период (најчесто 8 до 10 часови) пријавените затворски полицајци ги враќале осудените лица назад во затворот. Кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ пријавените затворски полицајци го сториле така што за ваквите незаконски спроводи, биле користени службени возила на установата, за што било потрошено службено гориво, а притоа на дел од пријавените затворски полицајци директорот Ф.А. им одобрувал прекувремени работни часови (вкупно 44 часа исплатена прекувремена работа), со што согласно наведените незаконски дејствија била предизвикана штета на буџетот на Р.Македонија, а воедно и мала имотна корист за Ѓ.Р., С.П., Т.Н., Е.О. и З.М..