При полициска контрола на СВР Гостивар, приведени се седум странски државјанки поради злоупотреба на туристичкиот престој. Контролата била во угостителски објект во гостиварското село Добридол, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Приведените жени се на возраст од 22 до 34 години, од Бразил, Колумбија и од Венецуела. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка, додека полицијата продолжува со истрагата за околностите за нивниот престој. Само неколку дена претходно, во слична ноќна акција спроведена на регионалниот пат Тетово – Желино, беа приведени странски државјанки од Бразил, Колумбија, Украина, Франција и од Србија, кои работеле како танчарки и келнерки, спротивно на условите за престој.
Ваквите активности при нелегален престој на странски државјанки сместени по угостителски објекти, најчесто во западниот дел од земјава, се поврзуваат со трговијата со луѓе и со сексуалната експлоатација.
Има случаи кога се доведени девојките преку измама или под принуда да работат под вакви услови, додека во некои случаи тие свесно прифаќаат ваква работа поради економски причини, но во услови што ја надминуваат рамката на законските дозволи за престој.