Приватните превозници до петок ќе возат само до 10 часот

73

Приватните превозници во Скопје до петок ќе возат само до 10 часот изутрина, а потоа ќе одлучат што ќе прават понатаму.

Тоа ќе биде предупредување за неисплатените пари за услугата што ја даваат. Дел од нив бараат финансии за да можат да продолжат да ги услужуваат граѓаните со своите возила. Тие велат дека од јануари годинава, кога зеле само дел од средствата, не им се исплатени пари за услугата што ја даваат.

Дел од нив имале средба со директорот на ЈСП Скопје, кој сега е разрешен. Тој им ветил дека постепено ќе им се исплаќаат заостанатите средства, како и дека до септември целосно ќе им го исплати долгот. Во моментот немаат никаква најава што се случува по неговото разрешување.

– До петок ќе возиме само до 10 часот наутро, а потоа ќе решиме што ќе правиме – изјави, Оливер Петрушевски.

Приватните превозници на ваков чекор се одлучија и пред повеќе од една година кога главниот град го оставија без јавен превоз не возејќи неколку месеци, а автобусите во знак на револт им беа паркирани по булеварите. Тие штрајкуваа половина година, од декември 2022 година, до мај лани, поради долг од еден и половина милион евра.

Поради доцнење на плата пред 4 месеци и вработените во ЈСП Скопје два часа ја запреа работата.

Граѓаните речиси две години се жалат од јавниот превоз оти автобусите се нередовни, а кога доаѓаат се преполни со патници.