Откако на последната седница на Советот на Град Скопје беше повлечена иницијативата да се зголеми цената по изминат километар на приватните превозници со образложение дека треба да се доработи, тие денеска побараа помош да се реши проблемот со јавниот градски превоз. Ги повикаа претставниците од Град Скопје, од Владата, градските советници на средба во проширен состав, за да се изнајде начин за нормално функционирање на јавниот превоз. Поранешниот директор на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, пак подготвува Студија за јавен автобуски превоз во сообраќајот на Град Скопје со проширено влијание врз останатите видови на сообраќај. Тој наведе, дека генерално, конечниот ефект е јавниот градски превоз да не биде само за социјално загрозените категории на граѓани кои се принудени да го користат, туку за сите категории на граѓани
Откако на последната седница на Советот на Град Скопје беше повлечена иницијативата да се зголеми цената по изминат километар на приватните превозници со образложение дека треба да се доработи, тие денеска побараа помош да се реши проблемот со јавниот градски превоз.
Ги повикаа претставниците од Град Скопје, од Владата, градските советници на средба во проширен состав, за да се изнајде начин за нормално функционирање на јавниот превоз.
Воедно, повторно побараа од Градот да се зголеми цената по изминат километар од досегашните 70 на 120 денари, бидејќи како што наведоа таа е иста од 2015 година кога просечната плата изнесувала 8.400 денари и со неа не можат да ги подмират трошоците.
-Ова го бараме да ги обновиме автобусите, со нови кои ќе бидат климатизирани и нема да загадуваат. Воедно, тоа го бараме за да не колабира јавниот градски превоз и да не трпат граѓаните – децидни се приватните превозници.
Тие сè уште возат редуцирано, бидејќи како што истакнаа немаат доволно средства.
Од друга страна, пак, поранешниот директор на еден од приватните превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, подготвува Студија за јавен автобуски превоз во сообраќајот на Град Скопје со проширено влијание врз останатите видови на сообраќај.
-Студијата опфаќа организација на јавениот линиски превоз, што подразбира оптимизација на возните редови и линиите, како и поврзување со другите видови на сообраќај. Потоа, правење на централни станици на влезот и излезот на Скопје – објаснува Јовановски.
Меѓу другото, тој додава дека студијата предвидува и ослободување на десната лента по која ќе се движат возилата од јавниот градски превоз, нивен приоритет во поминувањето на крстосниците каде што има семафори. Воедно, се планира и етапно обновување на возниот парк со модерни автобуси кои можат да постигнат квалитет на ниво на метро, уредување на односите во јавниот превоз меѓу јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) и приватните превозници, што би значело растоварување на ЈСП од линиите каде што продуцира загуби.
Јовановски исто така наведува дека според Студијата потребно е и да се изврши реорганизација на ЈСП, воведување на праведен систем на плаќање за корисниците на услугите, при што се предвидени различни видови на билети, а секој ќе купи возен билет што најмногу му одговара.
-Исто така, ќе има поврзување на трите урбани слоја, што подразбираат јавен превоз, другите моторни возила во сообраќајот и другиот активен алтернативен сообраќај (велосипеди, тротинети, ски-борди, пешачки патеки). И нормално ќе има и посериозна кампања за мотивирање на граѓаните за помасовно користење на јавниот градски превоз, како начин за растоварување на сообраќајниците и намалување на загадувањето- потенцираше Јовановски.
Тој наведе, дека генерално, конечниот ефект е јавниот градски превоз да не биде само за социјално загрозените категории на граѓани кои се принудени да го користат, туку за сите категории на граѓани.
-Тоа ќе се постигне како што и претходно наведов, со редовен и брз автобуски превоз, со лесен пристап до него, но и со нови удобни возила. Намерата е со јавниот градски превоз многу побрзо да се стигне до саканата дестинација, отколку со било кое друго возило – дециден е Јовановски.
Во неговата Студија се предвидува и посебен аналитички центар кој ќе работи на анализа на податоците добиени од терен, но и електронски систем на наплата.
(А.П.)