Приватен партнер ќе управува со јавното осветлување?  

23

Општина Карпош ќе изработи физибилити студија за воспоставување јавно-приватно партнерство за поефикасно одржување на јавното осветлување во Карпош.

Советниците дадоа зелено светло за тоа, на последната седница на Советот на Општина Карпош. Физибилити студијата ќе покаже колку би било ефикасно формирањето едно јавно-приватно партнерство со Општината, во насока на одржување на уличното осветлување во Карпош. За таа цел, обезбедени се околу 300.000 денари преку програмата на Секторот за екологија и енергетска ефикасност.

Советниците, на последната седница, дадоа зелено светло и за развојната програма за поставување ЛЕД- светилки на целата територија на локалната самоуправа.

– Со реализацијата на оваа активност се предвидува да се заменат 100 % од вкупниот број натриумови светилки со нови ЛЕД-светилки од 35W. Исто така, ќе бидат заменети натриумовите светилки во дворните места на училиштата, а рефлекторите од 400 W, кои беа инсталирани на спортските и на детските игралишта, се веќе комплетно заменети со 144 нови ЛЕД-светилки од 150 W. Очекуваните заштеди на годишно ниво се 60-90 % од сегашната инсталирана сила на заменетите светилки или поконкретно, заштеда од 23.120.176 до 34.876.199 денари – потенцираат од Општина Карпош.

Овој проект започна кон крајот на декември 2023 година, а се предвидува да биде целосно имплементиран до средината на мај 2025 година. Се планира вкупната вредност на овој проект да изнесува 100.000.000 денари, а поради големиот обем и висината на потребните финансиски средства, реконструкцијата на јавното осветлување се реализираше во фази.

– Реализирани се двете поединечни фази, во вкупен износ од 63.000.000 денари, со што останува финализирање на третата фаза во 2025 година, кога се планира промена на светилките во износ од 37.000.000 денари – децидни се од Општина Карпош.