EPA/RAINER JENSEN

Германската и швајцарската полиција уапсија тројца мажи под сомнение дека се обиделе да го уценат семејството на легендарниот Формула 1 возач, Михаел Шумахер. Меѓу уапсените е и Маркус Фрише, поранешен телохранител на семејството, кој наводно ја водел оваа криминална операција откако бил информиран дека ќе ја загуби работата.

Фрише му служел на семејството Шумахер 18 месеци пред да доживее Михаел тешка несреќа на скијање, која му го промени животот. Во текот на ангажманот, тој имал пристап до чувствителни информации, кои ги злоупотребил кога решило семејството да го смени персоналот.

Во соработка со својот долгогодишен пријател, Јилмаз Тозтуркан, и со неговиот син, Фрише собрал многу чувствителен материјал, вклучувајќи и 1.500 фотографии и 200 видеа, како и медицинска документација поврзана со здравјето на Германецот.

Според информациите на „Дејли меил“, откако открил дека ќе добие отказ, Фрише зел два хард-диска и четири УСБ со собрани податоци од семејната вила. Неговиот план бил да му се закани на семејството дека ќе ги објави материјалите на „дарк веб“ доколку не му платат 15 милиони евра.

На 3 јуни, Јилмаз Тозтуркан му се јавил на семејството Шумахер од скриен број за да му се закани. Неговиот син, Линс, подоцна испратил четири фотографии до семејството како доказ за неговите намери. Апсењето се случи на 19 јуни, откако полициските сили успеаја да соберат доволно докази против нив.

Германското Обвинителство ја заврши истрагата и судењето на уапсените мажи ќе почне овој месец. Јилмаз Тозтуркан работел како обезбедување во ноќен клуб во близина на семејството Шумахер и го познавал Фрише повеќе од две децении.

Инаку, славниот Ф1 возач на 29 декември 2013 година доживеа тешка несреќа на скијање на француските Алпи, откако удри со глава во карпа. Потоа итно беше префрлен во болница, каде што лекарите успеаја да му го спасат животот, но, за жал, со трајни последици. Оттогаш неговата здравствена состојба не е позната за јавноста и само мал број луѓе смеат да го посетат, притоа чувајќи ја приватноста на семејството Шумахер.