Доставувањето на барањето за членство во Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, е историски исчекор, кој ќе донесе голем број придобивки, бидејќи ќе овозможи пристап до европскиот платежен систем и користење на придобивките од тој систем пред да стане земјата членка на ЕУ, истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во телевизиско интервју.

Според неа, со пристапувањето во СЕПА, значајно ќе се намалат трошоците за прекуграничните трансакции, а придобивките за граѓаните и за компаниите ќе бидат големи. Тоа ќе значи, покрај поевтин и побрз, и безбеден, едноставен и ефикасен начин за безготовинско плаќање во евра кон земјите членки на СЕПА (36 земји).

Повикувајќи се на студија на Светска банка, гувернерката вели дека прекуграничните плаќања во регионот на Западен Балкан се до шест пати поскапи од оние во ЕУ, а подолг е и нивниот период на извршување. Со влезот во СЕПА, ќе се промени тоа.

– Тековно за да се изврши едно меѓународно плаќање, потребни се најмалку неколку дена, а членството ќе значи плаќање, односно реализирање на платежните трансакции во тек на еден ден. А, доколку се работи за користење инстант платежен систем, тогаш дури и за десетина секунди ќе може да се реализира плаќањето. Поконкретно, ако се фокусирам на граѓаните, ова особено ќе биде значајно за дознаките, бидејќи тие играат значајна улога во економијата кај нас, па и во регионот на Западен Балкан, достигнувајќи дури и до 15 % од БДП. Според Светска банка, трошоците за извршување на дознаките може да се преполоват на ниво од околу 3 %, а сето тоа, на ниво на регионот на Западен Балкан, може да резултира со заштеди од дури половина милијарди евра – посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Таа ја нагласува улогата на брзината на трансферот на средствата, што, според неа, е особено важна за компаниите при носењето на бизнис-одлуките.

– Во однос на компаниите, брзината и намалувањето на трошоците, се многу значајни елементи, кои може да ги поттикнат уште повеќе трговијата, инвестициите. Секако, на крајот тоа да резултира со повисок економски раст. Дури има проценки дека овој процес може да ја намали и сивата економија за два процентни поена во регионот на Западен Балкан – потенцира Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека, изминативе години, Народна банка, во соработка со Министерството за финансии, Управата за спречување перење пари и други институции, интензивно работела на усогласување на нашата регулатива со европската. Најголем исчекор е направен со Законот за платежни услуги и платежни системи, кој беше усвоен минатата година.

– Но, она што останува да се финализира е усвојувањето на измените на Законот за спречување перење пари, кои, впрочем, се веќе подготвени и се во фаза на финализација. Доколку се реализира ова во скоро време, се усвојат измените на овој Закон од страна на Собранието, мислам дека може да се надеваме на позитивен исход до крајот од оваа година – вели Ангеловска-Бежоска.