„Од непознати причини, 2600 примероци на Правописот не биле дистрибуирани речиси цели седум години и се чувале во депо во несоодветни услови“, истакнува за весникот ВЕЧЕР, Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ -Скопје. Тој истакнува дека дистрибуцијата на Правописот започнува и ќе се заврши во најкраток можен рок. Елка Јачева-Улчар, пак, за ВЕЧЕР додава дека, за жал, многу од книгите не стасуваат ниту до универзитетските, ниту до која било библиотека во Македонија, или гнијат во нивните депоа
Во депото на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје откриени се примероци од „Правописот на македонскиот јазик“, кои наместо да бидат дистрибуирани до корисниците за кои биле наменети, со години чмаеле, поточно биле чувани во несоодветни услови во депото на оваа установа.
„При вршење попис на дел од капиталните проекти, кои се наоѓаат моментално во Библиотеката, утврдивме дека меѓу нив се наоѓаат околу 2.600 примероци од Правописот на македонскиот јазик (второ издание, 2017 година). По извршен увид во архивата и документацијата на Библиотеката, утврдивме дека во 2018 година НУБ „Св. Климент Охридски“ аплицирала и добила проект од областа на заштитата на културното наследство (библиотечна дејност) од национален интерес од Министерството за култура за Правописот на македонскиот јазик. Проектот е во вредност од 1.400.000 денари со цел исплата на еднократен надомест на носителите на правата на Правописот, согласно Издавачки договор од 31 март 2017 година. Меѓу другото, согласно проектот, НУБ требала веќе отпечатените примероци кои ги добила, да ги дистрибуира до сите јавни установи и институции во Република Македонија каде што е потребно“ вели Јовица Никчевски – директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Тој посочува дека исто така, согласно проектот, требало да се дистрибуира одреден број примероци и до лекторатите и библиотеките надвор од Република Македонија, што очигледно не било направено?!
„Од непознати и нејасни причини за мене, Правописот не бил дистрибуиран речиси цели седум години и се чувал во тотално несоодветни услови. Согласно информациите и анализите кои ги добиваме од терен моментално во оптег во целата држава нема повеќе од десет печатени примероци од Правописот и покрај огромната потреба и интерес за негова достапност и консултација“, истакнува Никчевски.

Тој посочува дека започнува дистрибуцијата на Правописот, која во најкраток можен рок ќе се заврши.
„Наскоро Правописот ќе го има на располагање во сите библиотеки, училишта, факултети, институти и апсолутно секаде каде што е потребно “, додава директорот Јовица Никчевски. Тој за весникот ВЕЧЕР посочува дека првично, изданието ќе се дистрибуира до библиотеките во државата.
„Ќе видиме во колку примероци и каде ќе се врши дистрибуција и веќе се прави анализа. Ќе ги вклучиме и библиотеките за побрзо да се достават овие книги до основните и средни училишта во нивните општини. Потоа, ќе се дистрибуира и по другите институции во согласност со договорот. Од Институтот за македонски јазик ни потврдија дека тиражот бил 3.000 примероци, а 400 се кај нив. Ова значи дека сите останати примероци се во НУБ и ниту еден примерок не бил дистрибуиран“, вели Никчевски. Следните чекори во однос на утврдување на одговорноста за овој случај, тој посочи дека ќе се преземат во соработка со ресорното Министерство.
Еден од авторите на книгата и координатор на овој значаен македонистички проект, е и проф. д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.
„Ја изразувам мојата благодарност до директорот на НУБ, што конечно по осум години некој се сети дека ова значајно издание не треба да скапува во магацинскиот простор на НУБ. Треба да се поведе грижа за книгите. Ние како автори, не само за оваа книга, туку и за многу други, сме обврзани со Закон, да даваме 50 примероци задолжително во библиотеките и тие да ги дистрибуираат на територија на цела Македонија, особено во оние единици кои исто така се сметаат за универзитетски библиотеки, како оние во Скопје, Штип, Битола. Но, јас имам информација, за жал, дека нашите книги не стасуваат ниту до универзитетските, ниту до која било библиотека во Македонија, или гнијат во нивните депоа, што е една тотална немарност“, вели за весникот ВЕЧЕР, Јачева- Улчар, додавајќи дека несоодветниот третман е и „спречување на развојот на македонистиката“. (Д.Т.)