Финансиските предизвици не се единствениот проблем. Откриено е дека 206 лица биле на платниот список на ПИОМ без докази дека реално доаѓале на работа. Над 820 илјади евра се потрошени за ангажман на таквите лица кои работеле на договор. Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, кој ја презеде функцијата од крајот на септември 2024 година за весникот ВЕЧЕР, рече дека овие лица од 1 јули 2024 година добиле отказ. Мемов вели дека го разгледал ревизорскиот извештај и дека ќе преземе мерки за отстранување на наведените забелешки согласно со своите надлежности
Државните ревизори открија хаос во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во 2023 година, кога со него раководеше кадар на претходната владејачка структура (СДСМ/ДУИ). Освен дека дупката во Фондот и натаму е голема и дека за редовна исплата на пензии добива трансфери од државниот буџет, ревизорите откриле сериозни финансиски и кадровски проблеми.
Но, финансиските предизвици не се единствениот проблем. Откриено е дека 206 лица биле на платниот список на ПИОМ без докази дека реално доаѓале на работа. Над 820 илјади евра се потрошени за ангажман на таквите лица кои работеле на договор. Истата 2023 година по основ на „особени залагања“ и без соодветна документација за награди биле исплатени 2,5 милиони денари. Исто така, во таа година биле прифаќани понуди за тековно одржување и изведување на градежно занаетчиски работи со цени повисоки и до 22 пати.
Директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, кој ја презеде функцијата од крајот на септември 2024 година за весникот ВЕЧЕР изјави дека го разгледал ревизорскиот извештај и дека ќе постапи, односно ќе преземе мерки за отстранување на наведените забелешки согласно своите надлежности.
– Во врска со намалување на дупката во ПИОМ за редовна исплата на пензии, Фондот има две основни надлежности. Едната е навремената исплата на пензиите и втората надлежност е остварување на правата од осигурувањето. Примарна задача на Фондот е да се грижи за навремената исплата на пензиите и тоа, сите сме сведоци, се реализира. Како раководство, кое е тука неколку месеци, презедовме повеќе мерки за подобрување на квалитетот на услугите. Направивме прераспределба и дополнително ангажирање на вработените, односно кадарот со кој располагаме во моментот и ажурноста во решавањето на предметите е подобрена. Податоците покажуваат дека бројот на предмети се намалува. Очекуваме со активностите што ќе бидат преземени во наредниот период состојбата да се подобри уште повеќе. Нашата цел е да имаме имаме задоволни корисници, осигуреници и пензионери, кои му веруваат на Фондот како институција – вели Мемов.
Во однос на намалувањето на дефицитот, тој посочува дека Фондот на ПИОМ ги имплементира политиките на владата преточени во законско решение, кое го носи Собранието.
– Секако дека раководството на Фондот може да има одредени ставови и да предложи мерки за подобрување на состојбата со дефицитот кои може да ги достави до Министерството за социјална политика, демографија и млади, но дали тие ќе бидат разгледани и прифатени е одлука на Владата и политиките кои таа ќе ги спроведува – истакнува Мемов.
Директорот Мемов вели дека претходното раководство имало ангажирано 202 лица на договор на дело, но нивните договори биле прекинати од 1 јули минатата година.
– Фондот, ако се има предвид бројот на вработени од околу 500 лица и оние на договор на дело ангажирани до јули, моментално работи со една третина помалку извршители, од работата на Фондот, како што веќе реков, не е доведена во прашање. Напротив, со мерките кои ги презедовме бројот на нерешени предмети се намалува. Како пример ќе ја наведам филијалата во Битола, каде во октомври имаше 480 заостанати нерешени предмети, а сега вкупно има нерешени 80. Побаравме и добивме согласност од Министерството за финансии за итно ангажирање на 25 лица во филијалите низ државата, онаму каде што имаше потреба да се воспостави нормален тек на решавање на предметите. Направениот дисбаланс со вработувањата во филијалите во изминатите години полека почнуваме да го решаваме и ќе го надминеме овој проблем – дециден е Мемов.
Проблемот со испразнетите места во Фондот, Мемов истакнува дека веќе се преземаат активности на скенирање на состојбата со работните места.
– Согласно систематизацијата има предвидено околу 950 работни позиции. Правиме анализа на состојбата вршиме подготовки за да направиме нова систематизација која ќе одговара на реалните потреби и задачи на Фондот. По донесувањето на новата систематизација ќе ги преземеме, како што е предвидено, сите активности за пополнување на работните места и добивање на согласност од Министерството за финансии за новите вработувања – вели Мемов.
Ревизорот утврди и други недоследности, меѓу кои и изборот на в.д. директор на Фондот од страна на Управниот одбор на ПИОМ, без согласност од Владата. Мемов вели дека секој треба одлуките да ги носи одговорно и во согласност со законите и другите прописи во државата.
– Доколку тоа не се прави постојат институции кои се надлежни да преземаат мерки за тоа – дециден е директорот Мемов.
(С.Бл.)