Пријателскиот натпревар на стадионот „Тоше Проески“ во Скопје, меѓу фудбалерите на Вардар и Црвена Звезда од Белград, кој има и хуманитарен карактер, бидејќи целиот приход од влезниците е наменет за семејствата на загинатите во пожарот во Кочани заврши со резултат 3:1 за гостите. Сепак резултатот на овој натпревар беше во втор план пред се поради хуманитарниот карактер на истиот.
Фото: П. Стојановски
На стадионот во Скопје дојдоа голем број легенди на Црвена звезда за да присуствуваат на овој емотивен настан, а на полувремето направија почесен круг околу стадионот, за што беа специјално поздравени.
Вардар поведе на овој меч со голот на Михаил Маневски, кој во 27. минута го совлада голманот на Црвена Звезда Омри Глејзер, а потоа следеше емотивен гест на фудбалерот на Вардар кој голот му го посвети на починатиот Андреј Лазаров, фудбалерот кој загина кобната вечер во дискотека во Кочани. Маневски под дресот извади маица на која пишуваше порака посветена на Лазаров, а сите на стадионот му аплаудираа.
Младиот Лазаров не бил во дискотеката во моментот кога избувнал пожарот, но откако слушнал што се случува, притрчал да им помогне на повредените, но за жал и самиот загинал откако вдишил опасни количества чад.