Основниот суд Кочани денеска ги прифати предложените мерки за новосомничените лица во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ што ги побара Обвинителството.
„Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа“, потврдија за МИА од Основниот суд Кочани.
Сите 19 новосомничени лица, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Од новоосомничените, тројца се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување покрај претходно еден директор кој е веќе во постапка, еден генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, тројца министри за економија, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија и четири пазарни инспектори во ДПИ.
Едно лице од 19-те новосомничени во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција рече дека очекува за кратко време да биде достапен на институциите во земјава и амбасадорот во Норвешка и поранешен министер за економија Дритон Кучи кој е надвор од државата, а кој е еден од 19-те новоосомничени во проширената истрага за пожарот во дискотеката во Кочани.
Истрага се води и против седум полициски службеници.
Коцевски најави и дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, потенцирајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија.
Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар од 16. минатиот месец мора да заврши за уште два месеци.