Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека преговорите со Русија и Украина за мировен договор напредуваат, додека во Белата куќа се сретна со британскиот премиер Кир Стармер.
Стармер ги повика Соединетите Држави да обезбедат безбедносен „бекстоп“ за сите европски сили кои би можеле да учествуваат во потенцијална мировна мисија во Украина по завршувањето на мировните преговори што Трамп ги интензивираше откако ја презеде функцијата минатиот месец.
Седејќи до Стармер во Овалната соба, Трамп рече дека верува оти мировниот договор постигнат со Русија може да опстане и дека не верува дека Путин повторно ќе ја нападне Украина.
„Мислам дека Русија се однесува многу добро… Мислам дека постигнавме голем напредок во постигнувањето договор, но сè уште не сме го постигнале“, рече Трамп, додавајќи дека нема да разговара за детали додека не се постигне договор.
Стармер му се заблагодари на Трамп што „го променил тонот на разговорот и овозможил да се постигне мировен договор“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре ќе ја посети Белата куќа и се очекува да потпише договор со Трамп за стратешките минерали на Украина. Трамп рече дека договорот ќе обезбеди дополнителна заштита за Украина.