Согласно со воведената новина од оваа година, според која на 18 национални установи им е наменет делегиран буџет од страна на Министерството за култура и туризам, деновиве македонските театри ги објавија премиерите кои ќе ги реализираат во 2025 година
Театрите низ нашата земја деновиве почнаа да ја објавуваат Годишната програма за работа поддржана од Министерството за култура и туризам и премиерите кои ќе се работат во 2025, а согласно со воведената новина од оваа година, според која на 18 национални установи им е наменет делегиран буџет. Министерството за култура веќе ги има доставено решенијата со кои се утврдува висината на финансиските средства за работа на осумнаесетте национални установи. Притоа, покрај театрите во Скопје, својата програма за 2025 година ја објавија и повеќето театри и центри за култура низ Републиката.
Од Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес соопштија дека Министерството за култура оваа година им доделило средства за подготовка на 4 премиери, како и за реализација на Фестивалот „Стоби“ и за меѓународна соработка. Притоа, во Велешкиот театар ќе се работат претставите „Госпоѓа Министерка“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Синиша Евтимов, со 1.400.000 денари, потоа „Искрените“ од Карл де Шамблен Мариво, во режија на Владимир Милчин, со 1.500.000 денари, „Галеб“ од А.П. Чехов, во режија на Александар Ивановски, со 700.000 денари и „Не можам да платам, нема да платам“ од Дарио Фо, во режија на Елеонора Теова, со 400.000 денари (мала сцена).
-Исто така се доделени средства во износ од 800.000 денари за реализација на овогодишното издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“, како и сума во износ од 480.000 денари за реализација на планираните активности за меѓународна соработка, информираат од Велешкиот театар.
Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, пак, ќе реализира три премиери: „Три сестри“ од А.П. Чехов, во режија на Дејан Пројковски (1.500.000 денари), „Ловец во ’ржта“ според Џ.Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски (700.000 денари) и „Чиста куќа“ од Сара Рул во режија Тамара Стојаноска (400.000 денари).
-Со годишната програма за работа во 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам, ЦК „Марко Цепенков“ ќе реализира мошне обемна програма, од речиси сите области. Поддржани се проекти од театарската дејност, од музичко сценската и фолклорна дејност, од визуелните уметности, архитектура, во издавачката дејност, а средства се одделени и за инвестиции, соопштија од прилепскиот центар за култура. Министерството им доделило средства и за одбележувањето на 75 години театар „Војдан Чернодрински“, како и за гостување со претставата „Бура“ на „Shakespeare Fringe festival“ во Верона.
Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово доби 4,8 милиони денари за реализација на проектите од годишната програма за 2025 година.
– Ние сме задоволни со тоа што го аплициравме, речиси сите проекти се одобрени. Вкупната сума за реализација на овие проекти за 2025 година е 4 милиони и 800 илјади денари. За фестивалот „Денови на комедија“ добивме 800.00 денари, за фестивалот на проза 300.000 денари, изјави директорот на ЦK „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски.
Театарот во Куманово ќе реализира четири претстави поддржани од ресорното министерство, двe на македонски, две на албански јазик. Кумановци ќе имаат можност да проследат повеќе настани и од ликовната дејност, литературната, музичката, фолклорната дејност.
Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, пак објави дека за 2025 е зголемен буџетот за програмска дејност на оваа национална установа. Во делот на драмската дејност, Министерството за култура им одобрило средства за претставите „Таксистот“ од Реј Куни, во режија Коле Ангеловски (800.000 денари), потоа за „Фантастична идеја“, според мотиви од повеќе дела и автори, во режија Ненад Витанов (750.000 денари) и „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија Андреј Цветановски (850.000 денари).
-Висината на средствата за продукција на драмска дејност, за разлика од изминатите години е зголемена за 30%, што директно ќе влијае и на квалитетот на продукциите на Народен театар Охрид, кои и до сега без разлика на скромните ресурси стремеше кон квалитет, соопштуваат од ЦК „Григор Прличев“ од Охрид.
Од областа на музичка и музичко сценска дејност, министерството ја поддржала програмата на Градскиот хор при ЦК „Григор Прличев“ со 70.000 денари, а кај фолклорната дејност – Балкански фестивал на народни песни и игри 2025 доби 500.000 денари и Охридските староградски средби 2025 – 100.000 денари. За наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2025 одобрени се 200.000 денари.
Како што истакнаа од ЦК „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, пак, најмногу средства добиле проектите кои Центарот за култура ќе ги реализира во фолклорната дејност, околу 570.000 денари. Освен за фолклорната дејност, делчевската културна установа доби и 300.000 денари за реализација на активност од драмската и музичко-сценската дејност.
-Во драмската дејност за напоменување се проектите „Три години аматерски младински драмски клуб „Ехо“ од Делчево, „Бегалка и Чорбаџи Теодос“ – 30 години од смртта на Васил Иљоски, работа и театарски претстави низ Македонија во режија Никола Јанакиев. Од областа на музичката и музичко-сценската дејност, најголема поддршка во висина од 50 илјади денари доби „Fin Project Musik“, соопштија од ЦК „Никола Јонков-Вапцаров“. Оттаму напомнаа дека со поддршка од Министерството за култура ќе бидат реализирани и активности од ликовната уметност, меѓу кои е предвидена ликовна работилница со децата од Центарот за деца со посебни потреби Делчево. (Н.И.Т.)