Домот на културата „Иван Мазов – Климе” во Кавадарци од понеделник ќе биде место за неколку културни збиднувања во само една седмица, информираа попладнево од оваа културна установа.
Оттаму најавија дека во понеделник од 19 часот, театарот при Домот на културата, премиерно ќе ја изведе претставата „Шекспир во приказни“ според текстови на Вилијам Шекспир. Во неа се опфатени монолози и дијалози од најголемите трагедии „Ромео и Јулија”, „Хамлет” и „Макбет”, а се во адаптација и режија на Микица Илова.
– Овој драмски перформанс низ поезија е приказна за љубовта и каењето, алчноста, болната амбиција за власт, предавството, борбата на човекот против неправдата, лицемерието и предавството меѓу најблиските. На многу живописен начин се отсликува вистинското лудило од неизмерна тага, болен гнев и морално пропаѓање. Во претставата учествуваат и средношколци од гимназијата „Добри Даскалов”, соопштија од културната институција.
За вторник е најавена првата реприза, за која веќе биле распродадени влезниците. Во среда од 19 часот, во галеријата при Домот, ќе биде отворена ликовната изложба „Женско писмо“.
– Изложбата е во организација на Дом на култура и Друштвото на ликовни уметници Кавадарци, учествуваат жени ликовни автори од повеќе градови од Македонија. Изложбата е во пресрет на празникот на жената “8 Март“. Отворањето на изложбата ќе добие и мултимедијален карактер со поетско – музичкиот перформанс, истакнаа кавадаречките културни работници.
Во четврток од 17 часот, а како дел од чествувањата на празникот 8 Март, во Дом на култура ќе гостува монодрамата „Љуба“.
– Работена е според текст на Ката Мисиркова Руменова, а во режија и актерска игра на Лилјана Соилковска А. Реч за авторката ќе одржат проф.др. Васил Тоциновски и асистент Ратко Спасовски, појаснија од културниот дом.