Претставата „Црно семе“ според романот на Ташко Георгиевски, а во режија на Андреј Цветановски, премиерно ќе биде изведена на сцената на Театар Битола на 16 април со почеток во 20:00 часот, а репризните изданија се на 22 и на 29 април во 20:00 часот.

– Романот „Црно семе“ е еден од антологиските романи што зборуваат за Македонецот и за неговата судбина. Со претставата се обидовме да се потсетиме на една голема голгота на Македонците од Егејска Македонија по Втората светска војна и нивната трагична судбина. Таа нивна приказна треба да биде запишана во нашиот генетски код како народ, бидејќи е потребно приказната да остане жива. Приказна за издржувањето и приказна за останувањето свој. Бидејќи ако ние не ги раскажуваме нашите приказни, никој друг нема. Затоа да се сеќаваме на Доне, Христо, Парис, Марко, Нико, Димо, Ѓорѓи, Јане, Ангелина и нивните имиња! – вели режисерот Андреј Цветановски.

Тема на романот „Црно семе“ е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејското Море. Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не може да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност. Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, на крајот од четириесеттите години од 20 век (нешто по Втората светска војна).

Во претставата играат: Мартин Мирчевски како Доне Совичанов, Огнен Дранговски како Христо Согламов, Васко Мавровски како Парис, Никола Стефанов како Марко Кизовски, Петар Спировски како Грчето Нико, Никола Пројчевски како Димо, Хари Михајловски како Ѓорѓи,  Александар Стефановски како Јане, Петар Горко како

Капетанот Скалумбакис, Борче Ѓаковски како Потпоручникот Маки, Живко Борисовски како Наредникот, Марија Цветановска како Ангелина, Александар Димитровски како

Коле Крокаровски, Александар Копања како Офицерот и Давид Балтовски, Филип Стефановски, Виктор Крстевски и Александар Ѓоргиовски како Грчки војници.

Во претставата е користена музиката „Бело море“ од „Мизар“ и „Хармосини“ од албумот „Детето и белото море“, композитор е Горазд Чаповски, а текстот е на Љупка Рондова. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, а костимографија на Благој Мицевски. (Д. Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ