Се прави обид за саботирање на уставниот случај за изборен фалсификат, драматично објави претседателката на Уставниот суд на Бугарија, Павлина Панова, откако во понеделникот судот дозна дека државната компанија која ги обработува изборните резултати и обвинителството работат на блокирање на случајот.
Таа рече дека Информативни служби го известиле обвинителството кое пак ги собрало сите списи и податоци за уставниот случај.
-Во понеделникот вечерта, „Информативни служби“ ѝ соопштија на ЦИК (Национална изборна комисија) дека поради одземање на документите, повеќе не може да ги пресметува резултатите од гласањето согласно констатираните прекршоци, рече Панова.
Овој случај е битен бидејќи радикалната популистичка партија „Величие“ може да влезе со свој пратеник во Собранието, а со тоа се намалува бројот на пратеници во владејачката коалиција. „Величие“ влегува во Собранието ако се најдат само 30 дополнителни гласачки ливчиња во нивна корист или повеќе неважечки гласови.
Уставниот суд нареди вештаците да извршат увид во изборните ливчиња на 1.777 избирачки места, што е близу 20 отсто од сите места во државата, откако утврди дека во 46,75% од прегледаните избирачки места имало различен резултат од официјалниот резултат на ЦИК во однос на бројот на реалните гласови. Во 35,78 отсто од избирачките места, бројот на расположливите неважечки ливчиња исто така не соодветствува со објавеното од ЦИК по последните парламентарни избори.
Вчера се огласи претседателот на државата, Румен Радев, кој рече дека е неприфатливо државните органи да го спречуваат Уставниот суд да одлучува, квалификувајќи го случајот како обид заткулисно да се проголта целата држава. Радев рече дека доколку институциите не успеат во напорите, тоа може да доведе до свикување на Советот за национална безбедност.