Полицијата во Јужна Кореја изврши рација во претседателската канцеларија во Сеул, по неуспешниот обид на претседателот Јун Сук-Јол да воведе вонредна состојба минатата недела. Рациите се најновиот развој во бурната недела во јужнокорејската политика.
Претседателот Јун, кој остана на функцијата и покрај гласањето за импичмент и повеќекратните повици да се повлече, се соочува со повеќе истраги од различни гранки на власта под обвинение за бунт и предавство.
Во меѓувреме, поранешниот министер за одбрана на земјата Ким Јонг-хјун, кој ја презеде одговорноста за прогласувањето вонредна состојба, се обидел да се самоубие синоќа во притвор, изјави официјален претставник, пренесе Би-би-си.
Ким моментално е во чувана просторија и нема „тековни здравствени проблеми“, изјавија од Министерството во парламентот. Тој беше уапсен во неделата.
Осумнаесет истражители беа испратени во претседателската канцеларија за да ги одземат документите поврзани со состанокот на владата одржан ноќта кога беше прогласена вонредната состојба, јавуваат локалните медиуми.
Претседателот Јун, кој беше меѓу осомничените именувани во налогот за претрес, не беше во неговата канцеларија кога беа извршени претресите.