Минатиот викенд се одигра едно од најголемите фудбалски дербија на Балканот, дуелот меѓу Црвена звезда и Партизан, а освен шесте постигнати голови (3:3), македонскиот народ можеше на самото место да ја почувствува и силната агресија од страна на полицијата, три часа пред стартот на натпреварот!
Уште при самиот влез во Белград, можеше да се забележи полиција на сите страни, како да влеговме во бојно поле, а не да одиме на фудбалски натпревар. Од страна гледано, имаше повеќе полициски службеници, отколку приврзаници на двата клуба, глетка која остава впечаток на војна, а не на пречек пред едно фудбалско дерби. Можеби и самата ситуација налага такви правила, со оглед на тоа што веќе со денови Србите протестираат против режимот на претседателот Александар Вучиќ.
Речиси секој автомобил со странски регистарски таблички беше претресен, па и нам ни дојде редот. Подигнатата палка од еден од полициските службеници значеше и запирање на возилото, што моментно го направивме, но…
Откако се паркиравме настрана од коловозот во центарот на градот, истиот службеник со висок тон се обрати кон возачот и на милост и немилост нè спроведе до едно од малите улички каде што бевме тресени „до гаќи“. Притоа, при влезот на уличката, поради полициската бруталност, изнајменото комбе го удривме во десното крило, сето тоа поради строгата наредба на полицаецот, кој се однесуваше агресивно при моментот на паркирање, иако и самиот знаеше дека не е возможно да влеземе во таа тесна уличка!
Буквално, нè исфрлија како партали од комбето, по што почна претресот од десетина полицајци. Проверката траеше можеби половина час, за на крајот да нè пуштат без никакво извинување за направената штета (на возилото) по извршениот претрес.
Откако беше извршена проверката, го паркиравме комбето на неколку километри од стадионот „Рајко Митиќ“ или попопуларно „Маракана“, и повторно наидовме на полициска агресија. Имено, решивме да појадуваме во една од „трафиките“ за брза храна, а откако двајца (од нас деветтемина) го зедоа својот сендвич, останатите бевме избркани како кучиња од друга толпа полицајци. Сфативме дека фудбалот е повеќе од спорт кај соседите, но исто така и дека сè изгледа премногу агресивно кон обичниот народ, барем за време на дербито. Откако бевме протерани од пред сендвичарницата, не само ние, туку многу гладни луѓе, се упативме кон стадионот. Е, тек тогаш го почувствувавме она вистинското, дерби за кое живеат Србите, каде што ниту еден приврзаник не го штедеше гласот за поддршка на својот тим. Не изостанаа ниту факлите, чадните бомби и користењето на многу пиротехника што го боеше дури и небото, а не само „Маракана“. Шест погодоци и еден куп воздишки за неутралните љубители на фудбалот, нешто што вреди да се посети, па дури и по цена на полициската агресија.
На прв поглед помисливме дека токму така треба да се постапува за ред и мир во една држава, но верувајте, ова беше премногу брутално за сите нас, кои решивме без никакви клупски обележја да проследиме еден фудбалски натпревар, кој беше без некое резултатско значење за двата клуба.
Исто така, истиот тој ден, само два часа по мечот, можевме да уживаме во уште еден посебен момент за македонскиот спорт и победата на Даниела Алексовска во ММА, меч одржан само неколку километри од „Маракана“, во кој нашата борачка за само неколку секунди успеа да ја совлада Украинката Анастасија Хородивска, за европско злато!
Мелем на душа, по сиот револт неколку часа претходно.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ