Претпријатието обвинува за невистинити информации, градоначалникот му порачува да се фати за работа

136

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ја демантираат изјавата на градоначалникот на Општината Центар, Горан Герасимовски, во која, како што велат, се наведени невистинити информации поврзани со активностите на претпријатието во оваа скопска општина.

– Би сакале да напоменеме дека одржувањето на хигиената околу пазарот Буњаковец не е и никогаш не била во надлежност на ЈП „Комунална хигиена“, исто како и сервисните улици во Општината. Хигиената на споменатите локации е во надлежност токму на Општина Центар. Затоа Герасимовски, кој не може да се пофали со ниту еден посериозен проект во Центар, се обидува да бара друг одговорен за својата неспособност за одржување на јавната чистота во Центар – реагираат од ЈП „Комунална хигиена“.

Оттаму велат дека, на територијата на Општината Центар, секојдневно го собираат и транспортираат комуналниот отпад, без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на Градот Скопје.

– Воедно, во оваа скопска општина секојдневно се реализира и рачно и машинско метење на јавните и на сообраќајните површини – тврдат од претпријатието.

Од ЈП „Комунална хигиена“ додаваат дека се надлежни за одржување на хигиената на булеварите и на собирните улици, како и за празнење на надземните и на подземните контејнери поставени на јавни површини.

Општина Центар остро реагираше на соопштението на ЈП „Комунална хигиена“ преку кое, како што вели, се изнесуваат неточни информации и се манипулира со јавноста за да се затскријат со своето неажурно работење и нечистење на улиците во Центар.

– Пред да испратат демант во кој се обидуваат да спинуваат и да ја извртат вистината, неопходно е убаво да ги прочитаат сите информации што се однесуваат на акцијата за чистење во Центар. Во ниту една изјава градоначалникот Горан Герасимовски нема истакнато дека одржувањето на хигиената околу пазарот Буњаковец е под надлежност на Град Скопје – децидни се од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека наместо да испраќа празни деманти, неопходно е ЈП „Комунална хигиена“ да се фати за работа, за подземните контејнери на територијата под надлежност на Град Скопје да не се преполни со смет.

– Како што вели и самото комунално претпријатие дека има надлежност за одржување на хигиената на булеварите и на собирните улици, како и за празнење на надземните и на подземните контејнери поставени на јавни површини, ги охрабруваме утре во 7:30 часот сметот да биде исчистен – потенцираат од Општина Центар.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ