Дел од најпознатите македонски пејачи, музички групи и состави ќе бидат дел од богатата претпразнична програма на годинашниот „Новогодишен базар“ што ќе се одржи на градскиот плоштад во Крива Паланка.
Програмата започнува вечерта на 26 декември 2024 година, со концерт на дуото „Некст тајм”, а во деновите до крајот на месецов се предвидени богата дневна програма за најмладите и концерти на познати македонски изведувачи.
Кулминацијата, како и секогаш, е спектакуларното пристигнување на Дедо Мраз на 31 декември.
– Крива Паланка повторно креираше и ќе понуди новогодишна културна програма што ќе го привлече вниманието на јавноста. Најавуваме богата и разновидна програма за сите генерации што ќе го посетат „Новогодишниот базар“ во пресрет на 2025 година. Ќе има македонска забавна и народна музика, атрактивни изведувачи, забавувачи, артисти, жонглери, кловнови и најомилениот на дечињата, Дедо Мраз. Програмата ќе понуди незаборавни, весели, празнични моменти за сите жители и за туристите во градот, кои, од година на година, во голем број ја избираат токму Крива Паланка за своја дестинација во пресрет на новогодишните празници. Тоа е особено поради фактот што редовно нашиот град го привлекува вниманието и со уникатното и раскошно украсување, кое, со целокупната атмосфера на плоштадот, е вистински магнет и за младите, но и за возрасните посетители од државата и од регионот – соопштија од Општина Крива Паланка.
На „Новогодишен базар 2024“ ќе настапат: „Некст тајм“, Влатко Лозаноски, македонската музичка дива – Калиопи, Сара Мејс и „The girlzz“, Мики Секуловски, „Пауза за ракија“, Пајак, Слаткар, „Панто Мето“, „Bada Boom“, Камерниот оркестар на Битола со Наде Талевска и Ристо Самарџиев, „Распеано симитче“, диџеј Боно, Биби и Боби, Ѓурчиновски и други.