Пресврт во трговските политики на Трамп: Ги одложува царините за повеќето стоки од Мексико за еден месец

115
Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека ги одложува царините од 25 отсто за повеќето стоки од Мексико за еден месец, откако разговараше со претседателот на земјата.

Најавата на Трамп доаѓа откако неговиот секретар за трговија Хауард Латник рече дека царините за Канада и Мексико „веројатно“ ќе бидат одложени.

Ова е второ едномесечно одложување објавено од Трамп откако првпат ги објави увозните тарифи на почетокот на февруари.

Одложувањето би се однесувало на стоки кои се во согласност со трговскиот договор што Трамп го преговараше со Канада и Мексико во неговиот прв мандат.

„Работиме напорно, заедно, на границата, како во однос на спречување на илегални вонземјани да влезат во САД, така и во однос на запирање на фентанилот“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут соушал“.

Повторените царински закани на Трамп ги нарушија финансиските пазари, ја намалија довербата на потрошувачите и донесоа несигурна атмосфера во многу бизниси што може да го одложи вработувањето и инвестициите.

Латник нагласи дека реципрочните царини, во кои САД применува увозни даноци за земјите кои го тарифираат американскиот извоз, сепак ќе се применуваат од 2 април.

Американските пазари отскокнаа од најниските нивоа за тој ден, набргу откако Латник зборуваше.

Исто така во четвртокот, канадскиот премиер Џастин Трудо посочи дека очекува неговата земја да биде во трговска војна со Соединетите Држави во догледна иднина.

Трудо рече дека пошироката едномесечна пауза „е во согласност со некои од разговорите што ги имавме со претставници на администрацијата“.

Канадскиот лидер рече дека потегот на администрацијата на Трамп е „ветувачки знак“, но дека исто така „значи дека тарифите остануваат на сила и затоа нашиот одговор ќе остане“.

ИЗДВОЕНИ