Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, како родител на двајца ученици, поднесе иницијатива, а Советот ја прифати и донесе препорака до општинските основни училишта за забрана за користење на мобилни телефони, паметни часовници и на други уреди за електронска комуникација и достапност до социјалните мрежи за учениците во текот на наставата.

Препораката до училиштата предвидува и посебни околности (итни случаи, здравствени причини и слично) во кои учениците, по одобрение од предметниот наставник или од менаџментот на училиштето, можат да користат мобилен телефон.

Направените анализи и споредбената практика во голем број земји покажуваат дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата има позитивни ефекти врз резултатите што ги постигнуваат учениците во образовниот процес.

– Наша цел е да создадеме генерации ученици што ќе прераснат во силни индивидуи, полни со знаење, за да имаме сигурна иднина и како народ и како држава, и мора да успееме во тоа – вели Стефковски.

Негативните појави во образовниот процес од погрешната употреба на дигиталната технологија од страна на учениците не е само глобален и регионален проблем потврден и во извештаите на УНЕСКО за влијанието на мобилните телефони во воспитно-образовниот процес туку и сме сведоци на загрижувачки информации за многу девијантни појави во основните и во средните училишта насекаде во Република Македонија, предизвикани од пристапот до одредени социјални мрежи, кои влијаат како врз квалитетот на образовниот процес така и врз емоционалната состојба на учениците.

ИЗДВОЕНИ