На барањето на ДУИ да се распишат предвремени парламентарни избори, премиерот Христијан Мицкоски посочи дека за девет месеци ќе почне кампања за локалните избори на која граѓаните ќе можат да го кажат својот збор. Рече дека предвремени избори ќе има, но ако бидат поразени владејачките партии на локалните избори идната есен.
– Доколку ја поразат оваа Влада на тие избори, логично е да има предвремени Парламентарни избори по тоа. Да не ни се случува како во 2021 година. Но, доколку ги порази оваа Влада сегашните опозициски политички партии на локалните избори, тогаш очекуваме, конечно, да се посветат на самите себе. Да се реструктуираат, кадровски и програмски да се освежат и да може на следните редовни парламентарни избори да излезат со нова програма и со нови кадровски решенија – порача Мицкоски.
Прашањето за предвремени избори неодамна беше иницирано во јавноста. ДУИ тврдеше дека се потребни предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, за да се заштедат пари. Но, владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и Вреди истакнаа дека нема потреба од предвремени избори, зашто коалицијата е стабилна и нема потреба да трошат дополнителни средства.