
Премиерот на Гренланд во заминување Муте Егеде вечерва изјави дека ќе се сретне со партиските лидери „што е можно поскоро“ како одговор на постојаните тврдења на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да го анектира арктичкиот остров, пренесува Бета.
„Овој пат мора да го засилиме нашето отфрлање на изјавите на Трамп. Не смее и понатаму да ни се покажува непочитување“, напиша Егеде на Фејсбук, кој продолжува да ја води данската автономна територија додека не се формира нова влада по неговиот пораз на парламентарните избори во вторник.
Трамп претходно денеска изјави дека американската анексија на Гренланд на крајот „ќе се случи“ и дека тоа „ќе ја подобри меѓународната безбедност“.
Десничарската опозиција победи на парламентарните избори во Гренланд во вторникот, следени од националистите кои се за независност, во гласањето обележано со изјавите на Трамп, кој постојано изразува желба да го анектира арктичкиот остров.
Гренланд сега се обидува да формира коалиција способна да го зацрта патот кон независноста, додека жителите на островот претходно изјавија дека не се чувствуваат ниту Данци, ниту Американци, туку Гренланѓани.