Премиерот на Гренланд Муте Егеде го обвини Вашингтон за мешање во внатрешните работи на оваа самоуправна автономна островска територија под суверенитет на Кралството Данска, а претстојната посета на американската делегација ја нарече странско мешање.
Уша Венс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, в четврток ќе го посети Гренланд со својот син и со американска делегација, во која, како што потврди Егеде, ќе биде и американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц, пренесува „ Гардијан“.
Егеде рече дека посетата на американската делегација не може да се смета само за приватна.
Откако се врати на власт во јануари оваа година, Трамп инсистираше на тоа дека САД треба да го преземат Гренланд и не ја отфрли употребата на сила за да се постигне таа цел.
Спроти посетата на американската делегација данската полиција испрати дополнителни полициски сили со дресирани кучиња на Гренланд за да ги зајакне безбедносните мерки, изјави вчера портпаролот на данската национална полиција Рене Гилденстин.