Премиерот Мицкоски не ја исклучува можноста од интервентни мерки, можно е замрзнување на цените на храната

1353

И покрај тоа што граѓаните веќе втора недела бојкотираат против високите цени во маркетите, мерки се уште нема. Надлежните велат дека ги чекаат податоците од  шестмесечните контроли на Државниот пазарен инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците. Премиерот Хрстијан Мицкоски не кажа ништо конкретно околу тоа кои и какви мерки ќе се преземат само рече дека во игра се и интервентни мерки, како замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

– Тоа е процес и процедура која е тековна. Имаме некои индиции, очекувам во вторик реферирање. Мислам дека Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд ќе излезат во јавност со некои параметри. Ако не се почитува тоа од страна на системот, а тој започнува од производители, дистрибутери и ланци, тогаш како Влада ќе треба да преземеме дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе се прошири не само на супермаркетите и хипермаркетите, туку предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки и производи за бела техника. Неможе некои производи во соседните земји да бидат два три пати поевтини одколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка, изјави Мицкоски.

Тој рече дека ги разбира граѓаните и го разбира нивниот револт за бојкотот на маркетите, поради високите цени на производите, но смета дека решението треба да се бара со раговор на сите засегнати страни.

-Доколку гледаме дека едната страна не почитува договор тогаш мора да интервенираме. Ние не сакаме со интервенционализам да водиме политика, сакаме со дијалог да бараме решение. Се обидовме пред Нова Година, но знаете како заврши тоа. Поради тоа се наруши довербата помеѓу Владата и трговците, додаде Мицкоски.

Премиерот рече дека можно е да се донесат мерки уште во вторник, а ова го најави и министерот за економија, Бесар Дурмиши кој не ја исклучи можноста од замрзнување на цените на основните производи.

-Одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и да го толерираме. Подготвени сме да ги преземеме сите мерки што ни се на располагање како Влада за да ги спречиме овие незгодни ситуации, рече Дуримиши, на брифинг со новинарите.

Управата за јавни приходи (УЈП) објави дека вториот масовен бојкот на маркетите резултираше со пад на прометот за 22,12% во осумте големи синџири на маркети во Македонија. Во споредба со претходниот петок, кога се одржа првиот бојкот, кога прометот опадна за 46,59%, овој пат се забележа помал пад.

„При споредба на регистрираниот промет на крајот на месецот односно 31.01 и петок 07.02.20025 година треба да се имаат предвид различните фактори кои можат да влијаат на потрошувачките навики. Еден од тие фактори е тоа што голем дел од граѓаните примаат плата и пензии на почеток од месецот, што создава и промени во нивното потрошувачко однесување“, велат од УЈП.

На 6 февруари 2025 година, системот за регистрирање готовински промет забележал вкупен промет од 232.791.773 денари, додека на 7 февруари истиот систем евидентирал промет од 181.288.348 денари.

(A.С.)

ИЗДВОЕНИ