Во Драмски театар, во саботата премиерно беше изведена претставата „Ифигенија за ништо“ по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид, во адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски.

Поставена во современ контекст, доминантно со физички театар и со танц, во речиси два часа, претставата ја носи античката приказна за жртвувањето на Ифигенија, ќерка на кралот Агамемнон и на кралицата Клитемнестра, со цел поволен ветер на ахајската војска пред походот на Троја.

– Убиена без љубов и емпатија, страдањето на нашата Ифигенија, станува симбол на начините на кои системите на моќ ги користат човечките животи за лична и за колективна добивка. Таа не умира за нешто, туку за ништо – вели режисерот, појаснувајќи го своето читање на митот за Ифигенија.

Во претставата се истакнува темата за војната/војните, зошто започнуваат и зошто се водат, ужасите што ги предизвикуваат, геноцидот, невините животи што непотребно се губат, но се осврнува и на семејството, како и на младите во современото општество и нивните интереси и однос кон животот.

Визуелно и кореографски добро осмислена, со солидна актерска изведба, но со темни, мачни и на момент вознемирувачки елементи, претставата остава чувство на горчина кај публиката и се поставува прашањето: постои ли сочувство?

Актерката Нина Елзесер ја игра Ифигенија, а во другите ликови настапуваат Димитрија Доксевски како Агамемнон, Филип Трајковиќ како Менелај, Јелена Жугиќ како Клитемнестра, Стефан Вујисиќ како Ахил, Сара Климоска како Артемида, Марјан Наумов како Орест, Томислав Давидовски како дечкото/Светиот Елен. Хорот го сочинуваат актерките: Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и Јована Миладинова. Сценографијата е на Мартин Манев, а костимографи се Антонија Гугинска-Јорданоска и Гордана Божиновска. Музиката во претставата е на композиторот Борис Харфман од Хрватска.

Претставата не се препорачува за лица под 16 години. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ