Премиерите на ЕУ се вистински богаташи! Колку заработуваат европските лидери?

997

По одлуката на хрватската Влада за брутално зголемување на платите на највисоките државни функционери, премиерот Андреј Пленковиќ станува еден од најплатените, со примања кои од следниот месец ќе изнесуваат 5.534 евра нето.

Тоа е за 2274 евра повеќе од сега и 1,7 пати повеќе од сегашната просечна нето плата во Хрватска.

Со ова зголемување премиерот на Хрватска ќе добие покачување во висина од една просечна нето плата плус дополнителни 950 евра. Ова ќе го направи еден од најдобро платените премиери во земјите на ЕУ со сличен стандард, пишува денеска хрватскиот портал Индекс.

Темата за платите на премиерот, министрите и другите државни функционери беше отворена во мај годинава, не многу по изборите. Според пресметката на порталот Индекс, премиерот Пленковиќ тогаш имал плата 2,2 пати поголема од просечната плата во Хрватска, во бруто износ.

Во нето износ, платата на премиерот Пленковиќ тогаш била 2,46 пати поголема, а сега ќе биде повеќе од четири пати (4,16 пати). Ова, велат, ќе го „качи“ на скалата, па ќе биде еден од најдобро платените премиери во земјите на ЕУ со сличен стандард.

Функционерските плати далеку над минималната и просечната плата во државата

Словенечкиот БДП по глава на жител е 87 отсто од просекот на ЕУ, а на Хрватска 78 отсто. Просечната месечна нето плата во Словенија е 2333 евра, во Хрватска 1834 евра. Помал е процентот на луѓе кои се изложени на ризик од сиромаштија во Словенија, а помала е и невработеноста.

Порталот како пример ја наведува Италија, чија премиерка ќе има помала плата во однос на нејзиниот хрватски колега, иако е далеку поразвиена, иако во некои области заостанува. Таа е на 101 процент од просекот на ЕУ во однос на БДП по жител, просечната месечна бруто плата е 2479 евра, но стапката на ризик од сиромаштија и невработеност се нешто повисоки.

Премиерката на Италија Џорџа Мелони ќе има 1.117 евра помала бруто плата од премиерот Андреј Пленковиќ.

Според порталот, унгарскиот премиер Виктор Орбан има убедливо најголема плата, бруто од 16.000 евра месечно. По него се премиерот на Словачка Роберт Фицо (11.000) и Чешка Петр Фиала (10.800). Со новото зголемување на платата, Пленковиќ ќе стане еден од најдобро платените, по тројцата наведени, со вкупна бруто плата од 9.367 евра, според Индекс.

Имено, премиерот на Хрватска ќе ги престигне премиерите на Естонија, Латвија, Италија, како и премиерите на Грција, Полска, Словенија и Романија.

Во споредба со некои земји со сличен степен на развој како Хрватска и платите на премиерите во тие земји, соседна Словенија, која според сите параметри на социо-економскиот развој е понапредна, а во исто време и тамошниот премиер Роберт Голоб ќе има бруто плата од 3.735 евра помала од Пленковиќ.

Естонија исто така ја зголемила и премиерската плата, но по сила на закон, а не со „корекција на коефициентите“.

Минатата година оваа земја беше на приближно исто ниво со Хрватска во однос на БДП по жител во однос на просекот на ЕУ, невработеноста беше поголема, а исто така и ризикот од сиромаштија.

Но, месечната бруто-плата е 2065 евра, повисока отколку во Хрватска. Премиерката Каја Калас има месечна плата од 8.759 евра бруто, па Пленковиќ со 9.367 евра бруто наскоро ќе ја престигне, пишува Индекс.