„Олд Сејбрук“ ги опишува врските и животот под совршените фасади. Каде е границата меѓу верноста и неверството и како да ја оживеете страста во врската? Може ли некој да прости и да продолжи понатаму? Како што вели за весникот ВЕЧЕР режисерката Нина Николиќ, иако приказната следи два навидум совршени њујоршки пара, нивните внатрешни борби, тајни и егзистенцијални дилеми се подеднакво релевантни и во нашиот локален контекст
„Олд Сејбрук“ е претстава според истоимената драма на Вуди Ален, а во режија на Нина Николиќ, која премиерно ќе се изведе на 26 март, со почеток во 20:00 часот, во Театар Комедија.
Во драмата, на августовска жештина, два пара се во луксузна куќа со базен и со панорамски прозорци, во отмената населба Олд Сејбрук, североисточно од Њујорк. Тие го живеат својот безгрижен живот и разговараат за сè, од природа до филозофија… „Олд Сејбрук“ ги опишува врските и животот под совршените фасади. Каде е границата меѓу верноста и неверството и како да ја оживеете страста во врската? Може ли некој да прости и да продолжи понатаму?
Двата пара елегантни њујорчани оставаат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада, под површината, имаат низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации. Тргнувајќи од една едноставна ситуација, американскиот сценарист и режисер Вуди Ален ги преиспитува темите на верност и сладострасноста, брачните кризи и неверството. Во малку чеховски манир, но низ забавни и неочекувани пресврти и со остар динамичен дијалог, карактеристични за Аленовото перо, се разоткриваат деликатни љубовни односи и се отвораат прашања за простувањето и за новите почетоци.
Како што вели за весникот ВЕЧЕР режисерката Николиќ, иако приказната следи два навидум совршени њујоршки пара, нивните внатрешни борби, тајни и егзистенцијални дилеми се подеднакво релевантни и во нашиот локален контекст. Претставата ги отвора прашањата за верноста, надежта, простувањето и за потрагата по вистината.
– „На секој живот му е потребна малку фикција. Многу реалност е гадна работа“ – реплика преку која Ален на повеќе нивоа, преку навидум едноставни, секојдневни ситуации, отвора прашања што го отсликуваат животот на обичниот човек, кој страда, се радува, има свои мрачни тајни, копнежи и страсти како трагичните херои – посочува Николиќ.
Таа истакнува дека претставата е инспирирана од уметничката резиденција одржана во Охрид, во рамките на проектот „Prosper“, каде што уметниците, преку својата работа, го истражувале односот на поединецот кон природата.
– Оваа тема е присутна и во самата претстава, која, покрај комплексноста на љубовните односи, поттикнува и размислување за нашата поврзаност со природата. Во оваа насока, во рамките на премиерата ќе биде прикажана и меѓународната изложба „Периферии“, која ја носи уметничката визија на осуммина автори инспирирани од природата и урбаното опкружување на Охридското Езеро – додава режисерката.
На изложбата може да се видат делата на Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер и на Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи.
Инаку, во претставата играат актерите: Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски. Креативниот тим, пак, го сочинуваат: Тамара Барачков – драматург; Ивана Каранфиловска-Угуровска – костимограф; Илина Ангеловска – сценограф; Оливер Јосифовски – композитор; Димитриос Сотириу – сценски движења; Крис Јегер – дизајн на светло и Сара Митова – дизајн на плакат.
Претставата е копродукција помеѓу Театар Комедија и продукцијата „Перипетија“, како дел од проектот „Prosper“. Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура и туризам.
Од Театар Комедија соопштија дека средствата од продажбата на билетите од претпремиерата на претставата, која треба да се одржи на 25 март, ќе бидат донирани за помош на настраданите во трагедијата во Кочани.
„Олд Сејбрук“ (Old Saybrook) е објавена заедно со други две драми („Riverside Drive“ и „Central Park West“) од американскиот писател, режисер, глумец, драматург Вуди Ален, во една книга и сите се случуваат во и околу Њујорк. Во нив се прикажани архетипните Вуди Ален њујорчани. Самиот Ален го поставил „Old Saybrook“ заедно со „Riverside Drive“, со наслов „Writer’s Block“, со театарската компанија „Атлантик“ (Atlantic Theatre Company) ,во Њујорк, во 2003 година.
Годинава три претстави со буџетски пари во Театар Комедија
Театар Комедија, во рамките на годинашната програма, ќе работи три претстави со буџетски пари. Парите обезбедени од Министерството за култура и туризам за оваа институција за драмска дејност за 2025 година изнесуваат 2.400.000,00 денари.
Како што истакнуваат од Театарот, по претходна согласност од Управниот одбор, дадена е согласност финансиските средства да бидат распоредени во три проекти, односно за претставите: „Секс, лаги и главоболки“ во режија на Александра Кардалевска (колективно авторство) ,во висина од 200.000 денари; „Аматери“ во режија на Синиша Евтимов (според Луис, Шилдс и Џонатан), во висина од 1.400.000 денари и „Ивана, принцезата на Бургунд“ во режија на Драгана Милошевска-Попов, во висина од 800.000 денари. (Н.И.Т.)