Според кореографот и режисер Филип Петковски, инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив”, претставата го зема само главното дејство на драмата како појдовна точка, но се стреми дополнително да ги истражи приказните, ликовите и скриените пораки, кои авторот само накусо ги споменува во своето дело. Целта на проектот е да го афирмира постдрамскиот стил на изразување преку поставување современи американски драми, како и промоција на физичкиот театар преку колаборативен процес базиран на импровизации и телесно изразување
„Мац, мац” е насловот на претставата, која работена по мотиви на „Мачка на вжештен лимен покрив” од Тенеси Вилијамс, а во режија и кореографија на Филип Петковски, премиерно ќе биде изведена на 26 април, во 20 часот, во Велешкиот театар. Според Петковски, претставата го зема само главното дејство на драмата на Вилијамс како појдовна точка, но се стреми дополнително да ги истражи приказните, ликовите и скриените пораки, кои авторот само накусо ги споменува во своето дело. Целта на проектот е да го афирмира постдрамскиот стил на изразување преку поставување современи американски драми, како и промоција на физичкиот театар преку колаборативен процес базиран на импровизации и телесно изразување.
Како што посочи Петковски за весникот ВЕЧЕР, идејата за претставата се родила во рамките на неколкуте работилници на кои учествувале актерите и кои се одвивале неколку месеци на ФДУ, во културниот центар „Јадро“ и во балетската сала на МНТ.
„Тема на работилниците беше техниката вјупоинтс (viewpoints), која се изучува во Лос Анџелес, односно користејќи ја неа, дојдовме до заклучокот дека треба да го адаптираме текстот, да го модифицираме, односно само да го користиме како инспирација и мотивација за нова претстава што ќе се базира на танцов и музички театар. Се стремиме кон еден постдрамски стил на изразување, каде што се минимизирани репликите и оставаме телото да зборува, односно преку телото, телесните движења и танцот да се пренесуваат сите дејства и емоции во претставата“, рече Петковски.
Според експликацијата на режисерот, во текстот на Вилијамс, мачката Меги, која е главниот протагонист, му се заканува на својот сопруг Брик дека ќе скокне од покривот доколку продолжи да ја игнорира нејзината љубов кон него. Во ова видување, на Меги ѝ се придружува целата фамилија на жешкиот лимен покрив и тие свесно решаваат да се изгорат, бидејќи ако скокнат од покривот, ќе паднат помеѓу „обичните” луѓе од кои, всушност, се плашат. Наместо да скокнат, тие наоѓаат задоволство во неподносливите неудобност и болка, само по цена да останат на врвот. Опседнати со своите изглед, социјален статус и богатство, тие секојдневно ги слават своите навидум совршени животи, барајќи удобност во дрогата и алкохолот за да ја надминат грдотијата на светот во кој живеат. Како што истакнува режисерот, во „Мац, мац” нашите сексуално запалени, налудничави и длабоко вознемирувачки ликови ја залажуваат мачката да дојде за да си играат со неа, симболизирајќи ја опседнатоста на нашето општество за инстантно задоволство.
Во претставата играат: Ведран Чешарек, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.
Инаку, за актерот Васил Зафирчев, кој веќе соработувал со Петковски на танцовата „Елегија во пет здива“, „Мац, мац” е најзрелата, но и најавторска претстава на кореографот/режисерот.
„Филип е, можеби, единствениот наш автор, режисер, кореограф што се занимва со танц-театарот како синтеза на постдрамскиот театар, но не во неговите неокласични облици на балетскиот вокабулар, туку во современиот аспект на танцот, а тоа е слободата на движење, односно телесноста, што е основа на постдрамскиот театар. За разлика од драмскиот театар, каде што дејството се случува меѓу тела, во постдрамскиот сè се случува на телото на актерот. И во таа насока, техниката вјупоинтс, за која Филип е експерт, е исклучително податлива, затоа што му дава можност на актерот, на изведувачот голема слобода во процесот на креација и создавање на претставата. Мислам дека успеавме да направиме исклучително автентично театарско дело, кое е апсолутно танцтеатарско, постдрамско, впечатливо, актуелно, провокативно, особено за младата публика. Бидејќи темите и проблемите што ги третираме ние во претставата, во голема мера го задираат она што е секојдневие на современиот гледач, а тоа е консумеризмот, глобализацијата наспроти машко-женските односи, односите со семејството, нападот на семејството како нуклеус на општеството“, истакна Зафирчев.
Како што посочи тој, најголем куриозитет во процесот претставувала младата актерска екипа.
„Имав многу среќа да работам со млади актери, со некои и за првпат. Станува збор за актери што имаат неверојатна култура на телото, што е реткост за нашата театарска фела и за нашиот етаблиран театар. Актери што имаат апсолутно артикулирани тела за она што е потреба и провокација на проектот. Талентирани за танц-театар, но и со широк актерски дијапазон и ќе можат да играат различни жанрови. Еден од најважните аспекти на македонскиот театар е што треба да ги следи тековите и трендовите на она што е историски развој на театарот на светот, да мрдне од веќе воспоставените конвенционални театарски естетики и да се впушти во некои нови форми, односно она што се истражува во светот, и од авторите на театарот и од изведувачите“, додаде Зафирчев.
Претставата „Мац, мац” е копродукција на независната театарска група „Пресврт“, Театарот „Ј.Х.К. Џинот” – Велес, како и германскиот Гете институт, а покрај Македонија, во реализацијата учествуваат и Германија и Косово. Музиката е на Мориц Вернер (Германија), сценографијата на Дардан Жегрова (Косово) и Филип Петковски, костимографијата на Антонија Гугинска-Јорданоска и Гордана Божиновска, светлосниот дизајн е на Милчо Александров, танцов репетитор е Стефани Шаршмидт (Германија), фотографијата и камерата се на Марко Марјановиќ, монтажата на Борјан Стојков, а визуелниот дизајн на Ивана Мојсовска-Головска.
За Петар Антевски, претседател на „Пресврт“, овој проект е исклучителна можност да се развива соработката меѓу институционалниот театар и независната сцена.
„Свесни сме дека независната сцена има многу мали услови за работа, се бори ем за простор ем за поголеми буџети, кои ретко ги добива од Министерството за култура, а, сепак, ова е можност независната сцена да влезе во една театарска зграда и да работи. Го поздравувам Велешкиот театар за можноста. Ретки се соработките и ретките се театрите (институционални) што се отворени за ваков тип соработки. Овој проект е клучен чекор како за развојот на современиот македонски театар така и за независната сцена во нашата држава“, додаде тој. (Н.И.Т.)