Публиката токму вечерва (7 март) ќе може да види и неколку македонски спортски документарци, а на репертоарот се и култните „Реквием за еден сон“ на Дарен Аронофски, историски епоси „Јазол“ на Кирил Ценески и „Гладијатор“ на Ридли Скот, како и премиерна проекција на „Гладијатор 2“, Вечер на Коле Манев и „Приказната за Стрејт“ од Дејвид Линч, а ќе биде прикажан и „Црна Марија“ -југословенски филм со Милан Младеновиќ од ЕКВ во една од главните улоги

 

Љубителите на филмската уметност овој месец ќе уживаат во ремек-дела од светската и македонската кинематографија, низ искуство што комбинира историја, емоции и незаборавни кадри. Како што велат од Кинотеката, каде што ќе можеме да уживаме во филмската магија, ќе се реализира богат и разновиден филмски репертоар исполнет со јубилејни проекции, премиери и посвети на значајни автори и филмски остварувања, како и македонски спортски документарци…

Токму вечерва (7 март), 20 ч, ќе бидат прикажани документарците „Четврто сојузно падобранско првенство“, репортажа од Четвртото падобранско првенство на Југославија што се одржа во Охрид во 1954, „Шампиони на водните пространства“ (репортажа од Првиот светски шампионат во маратонско пливање во слатки води што се одржа на 5 август 1962 година на Охридско Езеро). Ќе биде прикажан и документарецот „XIV финале на фудбалскиот куп: Вардар – Вартекс“, „Железниот преграб“ (1978) за Традиционалната боречка вештина позната како пеливанство, која сè уште се негува во некои краеви на Македонија, како и „Шестиот играч“ (1976) за личноста на Лазар Лечиќ, тренер на кошаркарскиот клуб „Работнички“ од Скопје, кој е пример за огромен динамизам и професионализам во работата. Меѓу филмовите на овој циклус се и „Кајак“ за 14. Светско првенство во кајак и кану на Радика и Треска и „Хуаскаран – Анди ‘82“ за петнаесетчлената македонска алпинистичка експедиција во Перу.

Во рамките на „Јубилејни проекции на култни филмови“, освен „Враќање во иднината“(1985, реж. Роберт Земекис) по повод 40 години од премиерата на овој научнофантастичен филми, кој ја дефинираше поп-културата и инспирираше генерации, ќе биде прикажан и филмот „Реквием за еден сон“ (2000, реж. Дарен Аронофски), кој своја проекција ќе ја има и на 19 март, кога ќе се одбележат 25 години од премиерата на оваа потресна драма, едно од највознемирувачките истражувања на човечката зависност и пропаст.

Во чест на неодамна починатиот мајстор на филмската илузија, режисерот Дејвид Линч, на 10 март ќе може да се проследи филмот „Приказната за Стрејт“ (1999), приказна која зрачи со топлина и човечност, различна од неговите вообичаени надреални светови. Во истиот овој филмски блок насловен „Ин мемориам – Почит кон големите автори и уметници“, на репертоарот е и специјална програма „Вечер на Коле Манев“ посветена на македонскиот уметник, чиј придонес во културата ќе остане незаборавен. На 29 март ќе бидат прикажани неговите остварувања „Тулгеш“, „Еко-скоп“ и „Мост“.

Од јубилејните проекции на историски епоси, ќе можат да се видат „Јазол“ (1985, реж. Кирил Ценевски) по повод 40 години од ова ремек-дело на македонската кинематографија (11 март), „Гладијатор“ (2000, реж. Ридли Скот) за 25 години од премиерата на епскиот филм, кој го освои светот со својата грандиозна приказна за чест, одмазда и сила, остварување што продолжува да инспирира љубители на историјата и кинематографијата (12 март). Премиерната проекција на „Гладијатор 2“ (2024, реж. Ридли Скот) – долгоочекуваното продолжение на славната сага, кое повторно ќе нè врати во светот на римските арени и борбите за моќ е на 13 март.

Во Кинотеката ќе се одржат и специјални проекции на култни филмови „Црна Марија“ (1986) –југословенски филм со Милан Младеновиќ од ЕКВ во една од главните улоги, кој останува значајно сведоштво за времето и духот на тогашната сцена – урбана поезија на филмската лента.  Филмот „И Бог ја создаде жената“ (1956, реж. Роже Вадим) – антологиска драма со Брижит Бардо, во чест на француската кинематографија и нејзиниот бунтовен дух, филм што го редефинираше женскиот лик во европскиот филм е на (15 март).

По повод 100 години од раѓањето на Пол Њумен, на 20 март е проекција на филмот „Долго, топло лето“ (1958, реж. Мартин Рит) – филм со легендарниот Пол Њумен и Орсон Велс, во чест на големиот актерски јубилеј. Совршен приказ на страст, амбиција и судир на генерации, со Њумен во една од неговите најхаризматични улоги.

Од 21 до 28 март ќе се реализира и циклусот „Денови на Франкофонијата“.

„ Франкофонијата ќе се одбележи со избор на француски и франкофонски филмови, кои ќе ја донесат магијата на европскиот авторски филм. Од класици до современи бисери, овој циклус ќе биде вистински подарок за љубителите на француската култура“, велат од Кинотеката.  

 

ИЗДВОЕНИ