Царинските службеници минатата недела имале полни раце работа. Според податоците што ги доставија до јавноста, цариниците откриле повеќе обиди на криумчарење на разна стока на граничните премини, како пиротехнички и распрскувачки материјали, цигари, лекови и фалсификати, а бил запленет и еден автомобил.

Оттаму посочуваат во три случаи запленети се еден автомобил и комплет регистарски таблички, а до македонски државјани е поднесена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило. Воедно запленети се пиротехнични и распрскувачки материјали, цигари и тутун за пушење, лекови, гасни пиштоли, опрема за мотоцикли, употребувани гуми, девизи, облека, парфеми, фалсификати и друга стока.

– Првиот случај е откриен од страна на мобилни царински тимови на регионалниот пат Росоман – Прилеп при контрола на патничко возило марка Волво С40 со унгарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. При контролата е утврдено дека лицето не поседувало ниту сообраќајна дозвола, ниту царински документи за возилото. Возилото е запленето, а против лицето е поведена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило. Другите два случаи се откриени на излез на граничниот премин Делчево при контрола на автомобили со македонски регистарски таблички управувани од македонски државјанин. При контролите се откриени комплет таблички и сообраќајни дозволи. Во двата случаи, возилата биле пуштени во слободен промет без претходно да бидат спроведени пропишани царински постапки и без да бидат платени увозни давачки, поради што против двете лица се поведени прекршочни постапки – посочуваат од Царина.

Царинските службеници на граничен премин Јажинце спречиле обид за криумчарење на 3.312 пиротехнични и распрскувачки материјали.

– Истите се пронајдени при контрола на автомобил, управуван од македонски државјанин, кој се обидел производите да ги внесе во државата во багажниот простор од возилото. Производите се запленети, а против лицето ќе се поднесена кривична пријава до надлежно Јавно обвинителство заради сторено кривично дело недозволено изработување, држење и трговија со оружје и распрскувачки материјали. На излез од државата на граничниот премин Ќафасан, при контрола на автомобил се запленети 60 гасни пиштоли, 3.200 зрна дијаболи, како и 8 рамки за гасни пиштоли. Против возачот, македонски државјанин, ќе биде поведена соодветна постапка – потенцираат од Царинската управа.

Од страна на мобилните царински тимови, при контрола на камион натоварен со употребувани гуми од Швајцарија наменети за фирма од Скопје и пријавени за увозно царинење запленети се 90 употребувани гуми, кои не биле опфатени со царинските документи. Против увозникот е поведена прекршочна постапка.

Запленети се и 61 парче делови и опрема за мотоцикли, што се откриени од царински службеници при контрола на автомобил на влез во државата на граничниот премин Табановце. Против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.

Шверцерите не се воздржуваат да прокриумчарат стока и преку аеродромот „Скопје“. Така, при контрола на чекираниот багаж на германски државјанин биле откриени 538 парфеми Непријавените парфеми се запленети, а против патникот е поведена прекршочна постапка. Исто така, при контрола на патник на аеродромот, запленети се и 22 штеки цигари, и 2900 грама тутун за пушење, по извршена контрола на патник на излез од државата.

Исто така, при контрола на автомобил кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица се откриени на 103 парчиња непријавена облека, а пак, на граничниот премин Табановце во камион кој влегувал во нашата држава откриени се 32 парчиња облека, 10 пара обувки, алати и 20 литри вино, и истите се запленети.

Во два одделни случаи откриени се и девизни прекршоци. Првиот случај е откриен на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на турски државјанин кој патувал за Истанбул. Во чантата на лицето се откриени 17.100 американски долари за кои немало потврда за внесување на ефективни парични средства издадена од царинските органи при влез во државата. Вториот случај е откриен од страна на мобилните царински тимови на граничниот премин Богородица на излез од државата. При личен претрес на патник, македонски државјанин, во џебот од јакната биле пронајдени 6.700 евра, за коишто не поседувал документ за потекло.

При контрола на автомобил пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево, откриени се 27 кутии лекови со вкупно 104 таблети.  Мобилните царински тимови при контрола на стока со потекло од Кина, која била наменета за увозник од Скопје и пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3, запленија 1.235 играчки и детски возила со ознаки на заштитени трговски марки.

(С.Бл.)