Распишан е Јавен повик бр.02/2025 за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година. Овој Јавен повик се однесува за Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“, информираат од Министерството за земјоделство.
Jавниот повик е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, кои што за првпат започнуваат со земјоделска активност; преземаат постоечко или воспоставуваат ново земјоделско стопанство и се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во последните 18 месеци.
Максималната финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци.
Овие предвидени средства ќе се доделуваат за период на реализација на деловниот план и ќе се исплаќаат на годишно ниво но најмногу на три рати. Дополнително предвидена е и 40% авансна исплата на предметната инвестиција. Крајниот рок за доставување на барањата е 9.5.2025 година.
„За аплицирање на Јавниот повик за Мерката 112 се олеснети процедурите околу исполнувањето на критериумите, со кои што излегуваме во пресрет на секој еден млад кој што сака да влезе во земјоделскиот процес. Исто така ги охрабрувам да аплицираат за оваа мерка“, изјави министерот Трипуновски.
Целта на Министерството и на Владата е активирање на младите во земјоделскиот сектор преку низа на мерки. Токму Мерката 112 е една од низата која што ќе им помогне на младите да се активираат и да влезат во земјоделското производство, стои во соопштението.