Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против поранешен в.д. директорот на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, кој се товари дека преку фиктивни договори за ангажирање сезонски работници за себе присвојувал пари што му биле доверени во службата.
Од ОЈО соопштија дека ексдиректорот, чиј идентитет не е наведен, е обвинет за кривичното дело проневера во службата според член 354 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според ставот 2 од овој член на Кривичниот законик, за ова кривично дело е предвидена затворска казна од една до 10 години.
Инаку, делото за кое се товари, обвинетиот го сторил во текот на 2021 година, кога по одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие за ангажирање невработени лица за вршење јавни работи за потребите на Општина Гази Баба, склучил договори со седум лица.
Според Обвинителството, договорите биле заведени под ист деловоден број и имале потпис само од обвинетиот, а сезонските работници во периодот за кој наводно биле ангажирани и примале хонорар, се наоѓале надвор од државата.
-Иако за нив водел евидентни листови кои обвинетиот лично ги потпишувал, наводно ангажираните привремени работници не работеле во ЈКП„Гази Баба – 2007“, а на одредени датуми за кои примале хонорар, всушност се наоѓале надвор од границите на државата. За тоа време тие биле уредно водени дека ги извршуваат ангажманите за кои склучиле договори и им се исплаќал паричен надоместок, кој во вкупен износ за сите седум лица достигнал 880. 516 денари (околу 14 000 евра) – се наведува во соопштението на Обвинителството.
Поради сериозноста и тежината на кривичното дело, казната што му се заканува и останатите прилики, надлежниот јавен обвинител до Судот со обвинението доставил и предлог на обвинетиот да му бидат одредени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице и привремено одземање на пасошот.
Инаку, Министерството за внатрешни работи (МВР) против ексдиректорот на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“ поднесе кривична пријава кон средината на август, лани. Триесет и едногодишниот В. М., според кривичната пријава за истиот случај со сезонските работници, МВР го сомничеше за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Сумата за која тој го оштетил буџетот на комуналното претпријатие, полицијата тогаш ја процени на околу 1,2 милиони денари или околу 20 илјади евра.