Преку домашните банки ќе се пласираат средствата од унгарскиот заем за стопанството, и тоа под истите услови под кои е земен, а доколку не се случи тоа, тогаш ќе се бараат други начини, најави премиерот Христијан Мицкоски.

– Факт е дека ќе дојдат тие пари во Македонија и ќе им бидат ставени на располагање на македонската економија и на македонското стопанство. Нашата намера е да биде преку комерцијалните банки, бидејќи тие имаат повешти механизми за управување со овие средства и да биде под истите услови под кои го земаме заемот. Доколку тие услови не бидат исти, тогаш ќе се обидеме да најдеме друг начин – дали тоа ќе биде преку Македонската банка за развој или друг механизам, ќе видиме – изјави Мицкоски.

Вели дека заемот не е кинески, туку од земја членка на Европската Унија.

– Многу брзо ќе види јавноста како ќе ѝ биде ставен на располагање на македонската економија овој заем, кој беше земен и го помина собранискиот филтер. Само македонската опозиција успева да го најде на еден чуден начин потеклото на парите од заемот. Тоа е исто кога ставате во чаша вода од три шишиња по една третина и да кажете првата третина е од ова шише, втората третина од ова шише, третата третина од ова шише. Кога се обелодени овој заем, мојот пријател, премиерот од Унгарија, беше под жежок притисок од тамошните медиуми дека се задолжиле на домашниот пазар по повисоки цени, а ѝ даваат кредити на нашата земја по пониска цена. Ако толку му пречи на поранешниот заменик-претседател на Владата изворот на овие средства, тогаш зошто го потпишуваше договорот со кинеската компанија за кинескиот кредит за автопатот Кичево – Охрид? – истакна Мицкоски.

Доколку има потреба, како што посочи, може да се влезе и во дополнителен аранжман под услови да има инвестиции во македонските компании.

– Подготвени сме да одиме и чекор напред и понатаму да влеземе во уште еден дополнителен аранжман. Условот е уште толку да има инвестиции од македонските компании. Ако имаме 250 милиони евра заем под овие услови, уште 250 милиони сопствено вложување, со што ќе иницираме систем на вложување од половина милијарда, што е многу важно за македонската економија и да креираме, во еден период од четири години, 20.000 добро платени работни места. Тоа беше условот и за тоа се договоривме со стопанските комори што ги посетив – рече Мицкоски.

Законот за заемот од унгарската Експорт-импорт банка во висина од 500 милиони евра завчера помина на собраниска седница.