Во јануари 2025 година, транзитот на руски гас преку гасоводот што од Турција минува низ Бугарија бележи раст за 26,7 отсто во споредба со тој месец лани, достигнувајќи рекордни вредности, покажуваат податоците на Европската мрежа на преносни системски оператори за гас (ЕНТСОГ).
Ваквиот раст на транзитот на руски гас преку територијата на Бугарија, од каде што и Македонија го добива овој енергенс, му се припишува на прекинот на неговиот пренос преку Украина од 1 јануари годинава. Со тоа, бугарската траса од гасоводот сега е единствената активна маршрута за дистрибуција на енергенсот до неколку европски земји, вклучувајќи ги: Македонија, Србија, Романија, Грција, Босна и Херцеговина и Унгарија. Турција го нарекува гасоводот „Турски поток“, додека во Бугарија тој го носи името „Балкански поток“.
Статистичките податоци покажуваат дека лани, преку овој гасовод, низ бугарска територија минале околу 15 милијарди кубни метри гас, а од неговото пуштање во употреба, Бугарија остварила заработка од околу 870 милиони евра од транзитот.
„Газпром“ ја врши исплатата на сумите за транзит на гасот преку „Газпромбанк“, кој е предмет на санкции од Канцеларијата за контрола на странски средства, при Министерството за финансии на САД, но плаќањата за Бугарија се исклучени од санкциите од 20 март оваа година. По овој датум, ќе треба да се најде друг начин на плаќање или, во спротивно, земјите што сега се снабдуваат со енергенсот преку „Турски поток/Балкански поток“ ќе се соочат со сериозен недостиг на гас.