Прекинат докторско-службенички синџир за инвалидски пензии и нега

Стари шеми, нови криминалци

99

Поминаа 15 години од полициската акција „Метастаза“, кога им се судеше на доктори и на вработени во ПИОМ поради „средување“ за добивање инвалидски пензии. Денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција објави нова, идентична истрага за криминал по добро разработената шема, доктори, вработени во социјалното, посредници, штанцувале лажни решенија за нега и за инвалидски пензии.

За потсетување, лекарите обвинети во првата „Метастаза“ за издавање лажни инвалидски пензии беа осудени на мали казни, кои се движеа од условни до две и пол години, дел добија забрана за членување во инвалидските комисии, а другите требаше да внимаваат што прават за да не им се замени условната казна со затвор. На судењето, кое траеше две и пол години, се откри дека инвалидските пензии биле државен криминал за кој знаеле и министри. Во текот на судењето, од 77-мина сведоци што добиле инвалидски пензии со некомплетна документација и за пари, како што тврдеше тогаш Обвинителството, само шестмина потврдија дека им биле барани пари или дека дале, додека 71 од нив тврдеа дека навистина биле болни, дека никој не им барал пари, ниту дале.

Петнаесет години подоцна, истото тоа Обвинителство тврди дека има силни докази во новата „Метастаза“, собрани при претресите во ординациите на докторите и во канцелариите на вработените службеници. Во полициска станица се приведени вкупно дваесет и тројца од криминалниот синџир за доделување нега и инвалидски пензии, а истрагата опфаќа вкупно 49 луѓе од Велес, Скопје, Тетово и од Гостивар. ОЈОГОКК за 12-мина од нив бара мерка притвор, за тројца куќен притвор, а за другите му предлага на Кривичниот суд да определи одземање на пасошот. Осомничени се за повеќе кривични дела, од давање и примање поткуп до злоупотреба на службата, влијание, давање и примање награда…

– При извршените претреси, пронајдени и одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефонски апарати, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати – соопштуваат детали од МВР.

Дека во најновата „Метастаза“ се вмешани две докторки специјалистки на Клиниката за уво нос и грло, потврди лично министерот за здравство, Арбен Таравари, и рече дека сите што се огрешиле, треба да одговараат.

Криминалниот рак зафаќа матични лекари, членови на различни комисии за доделување нега и инвалидска пензија, посредници. Некои од нив биле и во двете злосторнички здружувања, во она за инвалидски пензии и во она за доделување нега. Најголем дел од докторите се од Велес, па граѓаните на шега велат дека не останало кој да им препише рецепт. Неофицијално, меѓу нив е и сопругата на еден поранешен градоначалник на Велес.

– Барателите давале поткуп кај матични доктори што вршеле дејност во Велес, како Стручната комисија за издавање наод, оцена и мислење при ЈЗУ Општа болница – Велес, обезбедувале вршење медицински прегледи кај матичните доктори и издавање медицински упати и други медицински документи на лицата што давале поткуп без нивно присуство, обезбедувале клинички или болнички прегледи кај доктори и медицински лица без присуство на лицата и обезбедувале издавање медицински документи за извршените прегледи, како и противправни дејства за изготвување, обезбедување и употреба на медицинска документација во вид на медицински упати, отпусни писма, медицински извештаи, контроли и контролни прегледи, психолошки тестови, конзилијарно мислење, потврди за медицински помагала и друга медицинска документација – документи што се со невистинита содржина и врз основа на таа документација, преку припадниците на криминалната група што се членови во комисиите што одлучувале за остварување на правото на туѓа нега, влијаеле и овозможувале успешно водење на постапките, како и донесување одлуки во корист на барателите на овие социјални права, односно донесување одлуки за право на туѓа нега во корист на лицата што давале поткуп на членовите од двете криминални групи – пишува во кривичната пријава на МВР.

Во „Метастазата“ од пред петнаесет години, Обвинителството докажуваше дека пензионерите давале од три до пет илјади евра мито. (П. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ