Предвремени избори во етер, муабети во ветер!

На Владата на „Илинденска“ не ѝ оди најдобро или е најстабилната Влада од 90-тите години до денеска, која тежнее наскоро да има двотретинско мнозинство?! Опцијата за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните идната есен, што ја најави премиерот Христијан Мицкоски откако лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, побара тој да го врати мандатот, ги подигна апетитите на опозиционерите и во македонскиот и во албанскиот политички блок, додека партиите на власт сметаат дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада. Политикологот Џенур Исени е на став дека ВМРО-ВРЕДИ-ЗНАМ е најстабилната власт што ја имала државата, а предвремени парламентарни избори не требаат да доаѓаат во предвид. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Исени вели дека зборувањето за избори веднаш по изборите е злоупотреба на државниот буџет и одржување на опозициските гласачи во живот

0
44

На Владата на „Илинденска“ не ѝ оди најдобро или е најстабилната Влада од 90-тите години до денеска, која тежнее наскоро да има двотретинско мнозинство?! Опцијата за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните идната есен, што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, откако лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, побара тој да го врати мандатот, ги подигна апетитите на опозиционерите и во македонскиот и во албанскиот политички блок, додека партиите на власт сметаат дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада. И самиот Мицкоски изминатиот викенд појасни дека она што го кажал на пратеничките прашања во Собранието, било со цел да излезат на површина, како што рече, сите лажни лица што ги има во опозицијата.

По неколкудневниот молк, од СДСМ денеска го кажаа јавно ставот на партијата околу можноста за двојни избори. Лидерот Венко Филипче рече дека се подготвени за предвремени избори и дека во секој следен циклус на избори ќе настапат многу организирано и многу поуспешно. Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци после формирањето на Владата е доказ дека на Владата не ѝ оди најдобро. Тој вели дека нивната теренска анкета укажува оти 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.

-Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно. Нашата теренска анкета укажува дека 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Тоа значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот, од нашиот европски пат. Исто така, тоа е и порака дека Вреди и ЗНАМ очигледно имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка, рече Филипче.

Филипче посочи дека интензивно работат на стекнување доверба на нивните членови и симпатизери, и напомена дека постои значајно подобрување на атмосферата во општинските партиски организации.

Стабилна Влада која наскоро ќе надмине 80 пратеници

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, пак, оцени дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада, а оваа Влада, рече, е најстабилна од 90-тите години до сега и има мнозинство од 78 пратеници, кое наскоро ќе надмине и 80.

-Од 90-тите до сега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова – 78 и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80, што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа само е трошок за државата и губење време, рече Меџити.

Тој нагласи дека организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и после изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања.

-Тоа влијае многу на економијата и на бизнисот. Затоа мислам дека нема да бидат среќни да има предвремени избори тие што сакаат да работат, односно бизнисот во оваа држава, потенцира Меџити.

Одржување на опозициските гласачи во живот

Политикологот Џенур Исени, исто така, е на став дека од ВМРО-ВРЕДИ-ЗНАМ е најстабилната власт што ја имала државата, а предвремени парламентарни избори не требаат да доаѓаат предвид. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Исени вели дека зборувањето за избори веднаш по изборите е злоупотреба на државниот буџет и одржување на опозициските гласачи во живот.

Џенур Исени, политиколог

-Од осамостојувањето, Северна Македонија нема постабилна влада од оваа во моментов. Претходните влади беа на стаклени нозе, со многу корупциски скандали од различна природа, но нивните мандати отидоа до крај. Сега, од новоизбрана влада со непоколеблива стабилност, не треба ни да се разговара за парламентарни избори. Зборувањето за избори веднаш по изборите е злоупотреба на државниот буџет и одржување на опозициските гласачи во живот. Значи, со оваа покрената тема се лечи очајот на опозициските гласачи, бидејќи и самите опозициски лидери се свесни дека ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ е најстабилната власт што ја имала државата, а предвремени парламентарни избори не требаат да се доаѓаат во предвид. Од систематска политичка гледна точка, постои голема разлика помеѓу парламентарни и локални избори, затоа граѓаните не треба да се мешаат за да се создаде конфузија. Граѓаните треба да го оценуваат раководството на локалната власт одвоено од она на централната власт, затоа нема смисла да се одржуваат заеднички парламентарни и локални избори, изјави политикологот Џенур Исени за весникот ВЕЧЕР.

Изминатиот викенд имаше меѓусебни партиски обвинувања во албанскиот политички блок. Откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, порача дека Интегративците се подготвени за предвремени парламентарни избори идната година заедно со локалните, од коалицијата Вреди порачаа ако Ахмети навистина сака предвремени избори, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката. Од ДУИ возвратија дека се реформирале „со заминувањето на Изет МегаВин Меџити“.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, им порача на ДУИ да се подготват за одговорност, и рече дека за избори ќе се подготвуваат кога ќе дојде време. Мицкоски додаде дека оваа Влада има четиригодишен мандат, а повеќе од 600 илјади граѓани пред речиси шест месеци застана зад оваа Влада и коалиција и нејзин приоритет е да го испорача тоа што граѓаните го очекуваат.

Понудата за ново соочување на предвремени парламентарни избори, Мицкоски му ја упати на лидерот на СДСМ Венко Филипче на седницата за пратенички прашања, како одговор на обвинувањата од Филипче дека ги лажеле гласачите дека никогаш нема да ја употребат придавката „северна“, а по изборите почнале да го користат новото уставно име на државата. Затоа Филипче го повика премиерот да го врати мандатот. (В.С.Н.)